ФИНАНСИСКАТА ПОЛИЦИЈА МУ ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА НА БИСЛИМОВСКИ – Тој им врати со оставка од функцијата
Марко Бислимоски поднесе оставка од Регулаторната комисија за енергетика без објаснување на причините

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, денеска поднесе оставка од функцијата, на која беше избран во јули 2023 година за втор петгодишен мандат, дознава Дојче Веле.
Во писмо испратено до претседателот на Собранието, Бислимоски ја известил институцијата за повлекувањето, но во оставката не ги навел причините за својата одлука. Ниту тој, ниту неговите соработници засега не коментираат, па јавноста може само да шпекулира, со оглед на тоа што мандатот на Бислимоски требаше да трае до јуни 2028 година.
Пред нешто повеќе од две недели, Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против Бислимоски за сомнеж за злоупотреба на службената положба и овластување. Според пријавата, тој како претседател на РКЕ наводно не ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол Петрол“ ДООЕЛ Скопје, иако таа не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива. Лиценцата требаше да биде одземена во јануари 2024 година, но постапката била прекината со незаконско решение и конечно е одземена во април 2025 година. Ова, според УФП, овозможило на компанијата да оствари промет од над 3,15 милиони евра и противправна имотна корист од околу 229 илјади евра.
На прес-конференција, Бислимоски истакна дека ќе им ги стави на располагање сите информации на надлежните институции за да докаже дека не е направено прекршување на законот:
„Во наредниот период ќе го следам целиот процес и нема да дозволам на ниту еден начин да биде нарушено моето име. Сè што стои на располагање ќе им биде доставено на институциите. Цврсто сум убеден дека ќе докажеме дека немало прекршување ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање“, изјави Бислимоски.
Во ноември 2025 година, Финансиската полиција поднесе кривична пријава и против двајца управители на „Тритерол Петрол“ и против самата компанија, поради сомнеж за фалсификување исправа и злоупотреби во постапки за јавни набавки.
За време на својот мандат, Бислимоски и РКЕ добија пофалби од Секретаријатот на енергетска заедница за спроведените реформи, но беа и честа мета на критики и политички напади. Во 2020 година, опозициската ВМРО-ДПМНЕ организираше протести пред седиштето на РКЕ поради поскапувањето на струјата.
Бислимоски се пожали дека особено за време на корона-пандемијата и енергетската криза се чувствувал како „најголем криминалец во државата“ поради постојаните напади и лажни вести. Во октомври 2021 година, тој беше цел на физички напад од страна на Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ Муса Џафери, поради постапката за одземање на лиценцата на компанијата на Џафери.
Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му траеше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во РКЕ работи од нејзиното основање во 2004 година.


