ФИНАЛЕТО ПОД ЗНАК ПРАШАЛНИК ЕХФ отвори правна постапка против двата клуба

Од двата клуба се бара да достават свои изјави, по што ќе следи донесување на правна одлука. Дополнителни информации ќе бидат објавени по завршувањето на постапката.

ФИНАЛЕТО ПОД ЗНАК ПРАШАЛНИК ЕХФ отвори правна постапка против двата клуба
Фото: Принтскрин

Атинскиот клуб АЕК побара повторно закажување на реванш-натпреварот од финалето во Европскиот куп против РК Алкалоид, барање што не е само нивно, туку и на сите кои го поддржуваат принципот дека победникот треба да се решава на терен, во услови на праведност и еднаквост. Во соопштението од АЕК, доставено преку дописничката на МИА од Атина, клубот ги обвинува домаќините дека ги прекршиле правилата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), а не тие.

Од АЕК посочуваат дека од самиот почеток се борат да го заштитат достоинството на клубот, навивачите, како и угледот на грчкиот ракомет и земја. Дополнително, потенцираат дека се соочуваат и со сериозни проблеми поврзани со забраната за легален влез на грчките навивачи во Македонија, што според нив претставува непочитување на европските прописи.

„Кој може да оправда блокадата на границата и забраната за легален влез на грчките навивачи без никакво официјално ограничување? Зошто не беше почитувана одредбата „90-10“ на ЕХФ, кога на навивачите на АЕК им беа доделени само 200 билети, додека на Алкалоид им беа достапни 1.800? Во салата имаше над 6.000 навивачи од Скопје“, истакнуваат од АЕК.

Клубот го поздрави и писмото од Ракометната федерација на Грција испратено до ЕХФ, со кое се поддржува нивниот став. Според АЕК, претставници на Грчката федерација и Европската федерација биле присутни на безбедносниот состанок пред мечот, каде што било договорено како ќе се спроведуваат мерките, но тие не биле почитувани од страна на домаќините.

„Се надеваме дека ЕХФ ќе донесе одлука која ќе гарантира дека сите натпревари ќе се решаваат на терен, согласно пропишаните правила“, велат од АЕК.

Луда одлука на ЕХФ – правна постапка против двата клуба

Европската ракометна федерација, по откажувањето на реваншот од финалето на 25 мај во Скопје, донесе одлука да покрене дисциплинска постапка и против РК Алкалоид и против АЕК Атина. Наместо да го додели трофејот на Алкалоид, како што инсистираат домаќините, ЕХФ сега собира докази и информации од двата клуба.

„ЕХФ ги достави сите релевантни информации до своите правни тела и побара иницирање на постапка против двата клуба. Во информациите се вклучени детали за распределбата на билетите за гостинските навивачи од страна на Алкалоид, како и одбивањето на АЕК да излезе на теренот за почеток на натпреварот“, стои во соопштението на ЕХФ.

Од двата клуба се бара да достават свои изјави, по што ќе следи донесување на правна одлука. Дополнителни информации ќе бидат објавени по завршувањето на постапката.

Вториот финален меч требаше да се одигра во неделата во Скопје, но не се одржа бидејќи играчите на АЕК одбија да излезат на терен.

CATEGORIES
Share This