ФИЛМСКА ПОДРШКА – Македонските филмски работници заедно со колегите од Србија
Македонските филмски работници ја искажаа солидарноста со колегите од Србија.

Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) денеска изрази целосна поддршка за иницијативата на филмските работници од Србија за итна деблокада на кинематографијата.
„Ја поддржуваме иницијативата и барањата на српските колеги и професионални здруженија за воспоставување транспарентен, фер и легален систем на финансирање на филмската индустрија“, се наведува во писмото на ДФРМ.
Во писмото, ДФРМ истакнува дека како професионална заедница која се соочува со слични структурни и институционални предизвици, ја препознава важноста на борбата на српските колеги за зачувување на уметничката автономија, професионалниот интегритет и достоинствените услови за работа во областа на филмот и аудиовизуелната култура.
„Изразуваме солидарност со вашите напори и ја поддржуваме посветеноста кон системски решенија што ќе обезбедат одржлив развој на националното кино и слободно уметничко изразување“, додава ДФРМ.
Неодамна, на состанок на Факултетот за драмски уметности во Белград, осум здруженија што ги претставуваат повеќе од 1.000 филмски професионалци во Србија оценија дека филмската индустрија во земјата се наоѓа под целосна институционална блокада.
На состанокот беше усвоен список на барања, меѓу кои е итно прекинување на кршењата на српските закони, вклучувајќи го Законот за кинематографија, Законот за култура и Законот за буџет, како и правилниците и правилата на Филмскиот центар на Србија, поднесување транспарентен извештај за спроведувањето на буџетот на Филмскиот центар и Министерството за култура за 2025 година, со јасно објаснување за средствата наменети за натпревари, продукција и фестивали и итно објавување на тендерите и разгледување и усвојување на нацрт-Уредбата за решавање на статусот на недовршените филмови и враќање на средствата, на која здруженијата работеа изминатата година.


