ФИЛИПЧЕ СО ПРОМЕНИ ВО ТИМОТ Централниот одбор на СДСМ го редефинираше раководството

Двајца наместо четворица потпретседатели, промени во врвот на СДСМ

ФИЛИПЧЕ СО ПРОМЕНИ ВО ТИМОТ Централниот одбор на СДСМ го редефинираше раководството
Фото: Национал

Централниот одбор на СДСМ на вечерашната седница го избра новото партиско раководство, со промени во структурата и бројот на функциите.

Наместо досегашните четворица, партијата отсега ќе има двајца потпретседатели. На тие позиции се избрани пратеничката и поранешна министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска и лекарот Александар Трајановски, поранешен кандидат за градоначалник на општина Аеродром. Двајцата се предложени од партискиот лидер Венко Филипче.

На функцијата генерален секретар останува Александар Димитриевиќ, додека Љупчо Фармаковски повторно е избран за организациски секретар. Во раководството се враќа и поранешната потпретседателка Ана Чупевска, која ќе го предводи новоформираниот совет на партијата.

Поранешниот член на Антимонополската комисија, Александар Давчевски, е избран за претседател на Градската организација на СДСМ. Во Извршниот одбор остануваат Андреј Жерновски, Агрон Демири и Симона Цветановски, а меѓу новоизбраните членови е и поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Александар Наумовски.

По предлог на Филипче, за членови на Извршниот одбор се избрани и Рената Младеновска, Дејан Николовски, Јон Фрчкоски, Наташа Попоска, Петар Огњеновиќ, Андреј Бислимовски и Филип Андов.

Фани Каранфиловска-Пановска ќе продолжи да ја извршува функцијата заменик-претседателка, бидејќи таа е избрана на партиски конгрес, а нејзината оставка може да биде констатирана исклучиво на таков форум.

CATEGORIES
Share This