ФИЛИПЧЕ СО ПОРАКА ЗА ДЕНОТ НА АРМИЈАТА Еве што кажа за НАТО и иднината на Македонија
Лидерот на СДСМ ја истакна улогата на Армијата и членството во НАТО, но порача дека земјата мора да продолжи со градење професионални и сигурни институции.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче, по повод 18 Август – Денот на Армијата, упати честитка до сите припадници на Армијата на Република Северна Македонија, изразувајќи признание за нивната професионалност, посветеност и ангажман во заштитата на државата.
Филипче порача дека Армијата претставува еден од клучните столбови на безбедноста и стабилноста на земјата, нагласувајќи ја улогата на македонските војници во заштитата на територијалниот интегритет, помошта на граѓаните при елементарни непогоди и учеството во меѓународните мировни мисии.
Тој посебно го истакна членството на Северна Македонија во НАТО, оценувајќи го како историски успех и резултат на, како што наведе, државничките политики на владата предводена од СДСМ.
„Честит 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија. Денес оддаваме признание и почит на сите припадници на македонската Армија за нивната професионалност, посветеност и несебичен ангажман во заштитата на територијалниот интегритет и безбедноста на државата“, порача Филипче.
Тој додаде дека членството во НАТО ја зајакнало безбедноста на земјата, а припадниците на Армијата денес дејствуваат според стандардите на Алијансата, заедно со армиите на земјите-членки.
„Како држава мора да продолжиме да градиме институции кои се сигурни, професионални и подготвени да одговорат на секој предизвик и да ја продолжиме борбата за европската иднина на Северна Македонија“, порача Филипче, упатувајќи честитка до припадниците на Армијата по повод празникот.

