ФИЛИПЧЕ ПРИЗНА: КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК БЕШЕ ГРЕШКА Сега бара ретроактивно отворање на старите случаи

Лидерот на СДСМ призна дека измените донесени во времето на претходната власт биле погрешен потег, а сега најавува нов закон, ветинг и можност за ретроактивно испитување на старите случаи.

ФИЛИПЧЕ ПРИЗНА: КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК БЕШЕ ГРЕШКА Сега бара ретроактивно отворање на старите случаи
Фото: Принтскрин

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, призна дека измените на Кривичниот законик донесени во времето на претходната влада на СДСМ биле грешка и дека не требало да се случат. Во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, тој најави нов Кривичен законик, ветинг на поранешните функционери и закон за заплена на имот, но и можност за повторно испитување на старите судски предмети.

„Се согласувам дека беше грешка измената на Кривичниот законик. Не требаше да се случи“, изјави Филипче.

Признанието дојде по прашањето како граѓаните да им веруваат на ветувањата на СДСМ за борба против корупцијата и воспоставување правда, ако токму во времето кога партијата беше на власт беа донесени законски измени кои предизвикаа сериозни реакции во јавноста. Филипче рече дека е подготвен да ги признае пропустите и дека СДСМ треба да понуди решение за нивно надминување.

„Да, имаше грешки, ама тие грешки сме спремни да ги коригираме“, порача лидерот на СДСМ.

Според Филипче, донесувањето нов Кривичен законик нема да биде доволно за исправување на последиците од претходните измени. Тој најави и дополнително законско решение кое, според неговите зборови, би требало да овозможи корекција на последиците од спорните измени, вклучително и она што го опиша како пропусти и амнестии.

„Не е доволно нов Кривичен законик. Треба нешто што ќе важи и ретроактивно. Нека се отворат сите стари случаи. Нека се отворат, нека се испитуваат“, изјави Филипче.

Сепак, во разговорот тој не објасни преку каков правен механизам би се спровела најавената ретроактивна примена, ниту посочи кои конкретни предмети би биле опфатени.

Филипче најави дека партиската програма предвидува и ветинг на сите поранешни функционери, како и посебен закон за заплена на имот. Овие мерки ги претстави како дел од поширокиот партиски „мастер-план“ за враќање на довербата во институциите и задоволување на правдата.

Осврнувајќи се на сопственото политичко и министерско минато, лидерот на СДСМ тврдеше дека функцијата министер ја извршувал чесно и некорумпирано. Како аргументи ги посочи зголемувањето на платите на здравствените работници, новите вработувања и обновувањето на болничките одделенија.

CATEGORIES
Share This