ФИЛИПЧЕ ПОРАЧУВА – СДСМ ја поддржува иницијативата за намалување на функционерските плати
Лидерот на СДСМ уверува дека уставните измени нема да загрозат идентитетските одредници и ќе овозможат отворање на европските фондови.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција изјави дека партијата целосно ја поддржува иницијативата на Сојузот на синдикатите за намалување на функционерските плати, која вчера беше доставена до Собранието.
„Апсолутно ја поддржуваме оваа иницијатива, и тоа е јасен партиски став. Јас лично и целата пратеничка група сме за намалување на функционерските плати. Не може одредени категории граѓани да живеат во немир и да се соочуваат со проблеми, додека други се заштитени. Улогата на Владата е да им излезе во пресрет на сите граѓани“ – рече Филипче.
Во однос на протестите на граѓани поради одземање возила кај лица кои управувале без возачка дозвола, Филипче истакна дека прекршувањето на законот не смее да се толерира, но дека институциите треба да разговараат со граѓаните и да ги утврдат причините за незадоволството со цел да се понудат соодветни решенија. Тој демантираше дека СДСМ стои зад организацијата на протестите, наведувајќи дека за нив дознал од медиумите.
Одговарајќи на прашање за европската перспектива на државата и податоците дека поддршката за членство во ЕУ расте, но дека мал број граѓани ги поддржуваат уставните измени, Филипче изрази уверување дека со тек на време ќе се покаже дека францускиот предлог бил добра можност за земјата.
„Фактот што само 11 проценти од граѓаните ги поддржуваат уставните измени е сигнал дека голем дел од јавноста е информирана преку центри што шират лажни вести. Никој нема суштински проблем со уставните измени или со внесувањето на Бугарите во Уставот. Стравот е дека по отворањето на поглавјата може да се соочиме со нови непринципиелни барања што би навлегле во идентитетските прашања“ – рече Филипче.
Тој потсети дека токму поради тоа предложил резолуција со која би се дефинирале „црвените линии“ на државата, но за која, како што рече, досега ниту една партија не дала одговор.
Според него, уставните измени ќе овозможат отворање на поглавјата и почеток на вистинските реформи, како и пристап до европските фондови од кои директна корист ќе имаат граѓаните.
„Доколку и понатаму се соочиме со блокади, постојат механизми за разговор. За нашите идентитетски одредници не се преговара и тие во моментов не се загрозени“ – истакна Филипче.
Тој додаде дека францускиот предлог не се сведува само на уставните измени, туку предвидува и отворање на досиејата на тајните служби, чекор што, како што нагласи, го направиле сите поранешни социјалистички земји пред членството во Европската Унија.

