ФИЛИПЧЕ ОД ЗАГРЕБ – Победата на СДП е победа за социјалдемократијата во регионот
Претседателот на СДСМ се обрати на Конгресот на СДП Хрватска и испрати силни пораки за социјалдемократијата во регионот.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во Загреб се обрати на Конгресот на Социјалдемократската партија на Хрватска, кој е посветен на подготовката на новата партиска програма и стратегија во пресрет на следните парламентарни избори.
Во своето обраќање, Филипче истакна дека победата на СДП на наредните избори ќе претставува победа за сите социјалдемократи во регионот и силна порака дека социјалдемократијата е најсилна токму кога е изложена на најжестоки напади. Тој изрази надеж дека СДП ќе биде носител на факелот на слободата, правдата и солидарноста.
„СДП е единствената кредибилна левичарска партија во Хрватска, со јасни и сеопфатни политики за развој и функционирање на општеството. Тие политики се темелат на силни вредности и имаат за цел социјален и економски напредок за сите граѓани, а не само за економско-финансиските и политичките олигархии. За нас во СДСМ, победата на СДП ќе биде силен поттик и пример кој ќе го следиме во борбата за враќање на Северна Македонија на патот на демократијата, социјалната правда и одржливиот развој“, нагласи Филипче.
Тој посочи дека живееме во време на сериозни геополитички турбуленции, засилен раст на радикалната десница и појава на неофашистички политики. Според него, либералниот консензус што доминираше во последните три децении се повлекува пред популизмот, алчноста на економските елити и нападите врз демократијата, човековите права и слободи.
Филипче изрази и силна поддршка за храбриот пристап на СДП во креирањето нова национална економска политика, со посебен акцент на индустрискиот развој и значајните реформи во даночната политика.
Тој потенцираше дека антифашизмот е темелна вредност на социјалдемократијата и дека во време на кризи, социјалдемократите мора да бидат цврст бедем на слободата и демократијата.
Осврнувајќи се на состојбите во Северна Македонија, Филипче предупреди на засилени авторитарни тенденции, растечко влијание на економската и финансиската олигархија и политики што директно им штетат на работниците. Тој посочи и на притисоци врз синдикатите, дискредитација на граѓанските организации и прогресивните интелектуалци, како и на зголемени притисоци врз правосудниот систем.
„Лажниот патриотизам на премиерот и владата служи како параван за заштита на криминални и клиентелистички мрежи. Во меѓувреме, државата е блокирана во процесот на европска интеграција, бидејќи власта го напушти широкиот политички и општествен консензус за членство во ЕУ, повикувајќи се на наводна загрозеност на националниот идентитет“, заклучи Филипче.

