ФАТЕН НА ДЕЛО, ДИРЕКТОР ЗЕМА МИТО Трипуновски бара истрага до крај
Директорот на Агенцијата беше фатен како прима мито од 400 евра, од ветени 50.000 евра, за да потпише документ што ќе овозможи користење на ИПАРД средства за фирма која не ги исполнува условите.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, апелира случајот со директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој да се истражи до крај. Тој нагласува дека овој случај покажува дека законите важат подеднакво за сегашни и за поранешни функционери.
„Владата покажува неселективна борба против корупцијата и злоупотребата на службената положба. Во минатото ваквите случаи често се прикриваа, а реакциите на јавноста беа повеќе ‘шминка отколку дела’. Ги охрабрувам надлежните институции да го истражат целиот случај до крај, а сите граѓани, без разлика дали се правни или физички лица, да пријавуваат индиции за вакви случаи, за да можеме да спречиме девијантни или противзаконски дејствија“, изјави Трипуновски.
Во однос на барањето на опозицијата за негова оставка, министерот вели дека не гледа никаква поврзаност.
„Агенцијата е посебна институција со свој менаџмент и управувачко тело. Затоа апелирам овој случај да се истражи до крај и доколку има одговорност, да се постапува согласно законот“, додаде Трипуновски.
Директорот на Агенцијата беше фатен како прима мито од 400 евра, од ветени 50.000 евра, за да потпише документ што ќе овозможи користење на ИПАРД средства за фирма која не ги исполнува условите. Министерот истакна дека нема загрозеност по ИПАРД средствата или националните плаќања.

