ЕВРОПА ОЧАЈНО БАРА РАБОТНИЦИ Речиси 3 милиони работни места стојат празни

Техничари, машински работници, оператори, возачи и административци се меѓу најбараните профили, додека компаниите сè потешко наоѓаат кадар за слободните позиции.

ЕВРОПА ОЧАЈНО БАРА РАБОТНИЦИ Речиси 3 милиони работни места стојат празни
Фото: Принтскрин

Додека во јавноста сè почесто се зборува за тоа дека вештачката интелигенција може да замени дел од работните места, европскиот пазар на труд во моментов се соочува со спротивен проблем и недостиг на работници кои веднаш би можеле да ги пополнат слободните позиции.

Најголема побарувачка има за кадар во техничките професии, производството, машинството, транспортот, логистиката и администрацијата.

На врвот се техничките работници, со повеќе од 731 илјада слободни работни места. Следуваат административните и канцелариските професии со над 630 илјади позиции, додека металопреработувачката и машинската индустрија бараат речиси 597 илјади работници.

Висока е побарувачката и за оператори на машини и постројки, со повеќе од 522 илјади слободни места, како и за возачи и работници во транспортот и логистиката, каде што има над 519 илјади непополнети позиции.

Само овие пет категории заедно опфаќаат речиси три милиони слободни работни места.

Потребите, сепак, се разликуваат од земја до земја. Германија, Франција, Австрија, Чешка и Романија имаат особено голема побарувачка за технички кадар и работници со практични вештини. Финска, пак, се соочува со изразен недостиг на ИТ професионалци.

Демографските промени дополнително го зголемуваат притисокот врз одредени сектори. Поради стареењето на населението, Шведска, Швајцарија и Норвешка имаат сериозен недостиг на здравствени работници, а потребата од овој кадар се очекува дополнително да расте.

Специфични потреби има и во јужниот дел на Европа. Шпанија, Португалија и Малта бележат голема побарувачка за работници во личните услуги и угостителството, а сличен тренд е забележан и во Данска.

Податоците укажуваат дека Европа се соочува со структурен недостиг на работна сила, особено во професии каде што се потребни практично знаење, искуство и специјализирани вештини, пренесува „Република“.

И покрај брзиот развој на автоматизацијата и вештачката интелигенција, европската економија и натаму во голема мера зависи од човечкиот труд – од работниците кои ги одржуваат машините и производните линии, управуваат со процесите, возат, работат во здравството, угостителството и обезбедуваат различни услуги.

Оттука произлегува и парадоксот на европскиот пазар на труд: работни места има, но нема доволно луѓе кои можат да ги пополнат.

CATEGORIES
Share This