ЕУ ГО ЗАОСТРУВА ТОНOТ КОН ЗАПАДЕН БАЛКАН – Исполнете ги условите или нема напредок

Брисел бара забрзани реформи, додека земјите кандидатки инсистираат на јасен и фер пат кон членство во Европската Унија.

ЕУ ГО ЗАОСТРУВА ТОНOТ КОН ЗАПАДЕН БАЛКАН – Исполнете ги условите или нема напредок
Фото: Принтскрин

Европската Унија испрати јасна порака до земјите кандидати од Западниот Балкан и реформите остануваат клучен услов за напредок кон членство. На состанокот на Советот за надворешни работи во Брисел, европските претставници побараа засилени активности во владеењето на правото, демократијата и безбедносната политика, додека кандидатките возвратија со барање за појасен и поконкретен пат кон интеграција.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, изјави дека проширувањето останува важен процес, но напредокот зависи од исполнувањето на реформските обврски. Таа посочи и на потребата од заедничка борба против кибер-нападите, кои се закана и за земјите од Западниот Балкан.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос нагласи дека местото на сите држави од регионот е во Европската Унија, но дека кандидатките мора да покажат силна посветеност кон европскиот пат.

Од македонска страна, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски побара ЕУ да обезбеди јасен и предвидлив процес за членство. Тој оцени дека земјите од Западниот Балкан не смеат да останат „сива зона“ на Европа и побара отстранување на билатералните условувања во пристапниот процес.

Муцунски истакна дека Македонија е целосно усогласена со европската надворешна и безбедносна политика и дека во последниот период постигнала значителен напредок во реформската агенда. Дополнително, побара поголема соработка со Унијата во економијата, енергетиката, безбедноста и дигитализацијата.

Во меѓувреме, во Никозија се одржа неформален состанок на министрите за европски прашања, каде што фокусот бил ставен на првиот кластер од преговорите – „Основи“, кој ги опфаќа демократијата, владеењето на правото и институционалните реформи.

Заменик-министерката за европски прашања на Кипар, Марлена Рауна порача дека проширена ЕУ значи и побезбедна и поавтономна Унија, нагласувајќи дека партнерите кои спроведуваат реформи имаат место во европското семејство.

Европската Унија до крајот на месецот треба да ги објави новите извештаи за напредокот на земјите кандидати за членство.

CATEGORIES
Share This