ЕТЕЛ НАПОЛНИ 117 ГОДИНИ Го памети кралот Едвард Седми, а денес е најстарата жива личност во светот
Британката открива која е нејзината животна филозофија и раскажува за неверојатните искуства што ги доживеала во 117 години.

Британката Етел Катерхам го прослави својот 117-ти роденден, опкружена со семејството и пријателите во домот за стари лица во Лајтвотер, во англиската област Сари. Таа е најстарата жива личност во светот, со официјално потврдена возраст.
Катерхам е родена на 21 август 1909 година во Шиптон Белинџер, Хемпшир, во времето на владеењето на кралот Едвард Седми. Таа е првата потврдена Британка која достигнала 117 години и последната жива личност со официјално потврдена возраст родена пред 1910 година.
По повод роденденот, Етел им се заблагодари на сите кои ѝ испратиле честитки и порача дека и на оваа возраст продолжува да доживува нови искуства.
„Дури и на 117 години имав многу први искуства, од галење лама до држење за рака со кралот“, порача таа, додавајќи дека уживала во денот поминат со најблиските и со нетрпение очекува да види што ќе ѝ донесе следната година.
Едно од нејзините најзначајни искуства во последниот период била средбата со кралот Чарлс Трети, кој ја посетил на 18 септември 2025 година, по нејзиниот 116-ти роденден. Катерхам тогаш се присетила на неговото прогласување за принц од Велс во 1969 година.
Таа му кажала на Чарлс дека во тоа време „сите девојки биле вљубени во него и сакале да се омажат за него“, што го насмеало британскиот монарх.
Чарлс Трети е шестиот британски владетел за време на нејзиниот живот. Етел е и последната жива личност која била поданик на кралот Едвард Седми, кој починал во мај 1910 година, помалку од една година по нејзиното раѓање.
Најстарата жива личност во светот стана на 30 април 2025 година, по смртта на бразилската калуѓерка Ина Канабаро Лукас, која почина на 116 години. Нејзината возраст е официјално потврдена од експерти за долговечност, а рекордот е признат и од Гинисовата книга на рекорди.
Со навршени 117 години, Катерхам се вбројува меѓу само 13 лица во историјата чија возраст е официјално потврдена и кои ја достигнале оваа граница. Таа е и најстарата Британка во историјата, надминувајќи го претходниот рекорд на Шарлот Хјуз, која починала во 1993 година.
Сепак, апсолутниот рекорд за најдолг потврден човечки живот и понатаму го држи Французинката Жан Калман, која почина во 1997 година на 122 години и 164 дена.
Етел Меј Колинс, како што гласело нејзиното моминско презиме, била претпоследното од осумте деца во семејството. Долговечноста не ѝ била целосно непозната и нејзината сестра Гледис Бабилас живеела 104 години и 78 дена.
На 18 години, во 1927 година, Етел самостојно отпатувала со брод во Индија, каде што работела како дадилка во британско семејство. Патувањето траело три недели, а во Индија останала три години пред да се врати во Англија.
Во 1931 година, на вечера го запознала својот иден сопруг Норман Катерхам, офицер во британската армија, кој подоцна станал потполковник. Две години подоцна, на 18 февруари 1933 година, тие се венчале во катедралата во Солсбери.
Поради воената служба на Норман, семејството живеело и во Хонгконг и Гибралтар. За време на престојот во Хонгконг, Етел отворила градинка за локални и британски деца, каде што ги учела англиски јазик, игри и рачни изработки.
Етел и Норман имале две ќерки, Џем и Ен. Норман починал во 1976 година, а Етел подоцна ги надживеала и двете свои ќерки. Денес има три внуки и пет правнуци.
И покрај длабоката старост, таа долго време останала активна. Возела автомобил до 97-годишна возраст, а бриџ играла и по наполнети 100 години. Во домот каде што живее, нејзината омилена градина е именувана „Градината на Етел“.
Во 2020 година, кога имала 110 години, Катерхам се заразила со ковид-19, но успешно закрепнала, станувајќи една од најстарите познати личности кои ја преживеале болеста.
Таа вели дека нема посебен рецепт за долговечност. Нејзината животна филозофија се темели на прифаќање и на убавите и на тешките моменти, слушање на другите, правење на она што го сака и, пред сè, избегнување расправии.
Честитка за нејзиниот 117-ти роденден ѝ упатил и најстариот жив маж во светот, Бразилецот Жоао Марињо Нето, кој во октомври треба да наполни 114 години.

