ЕКСПО 2027: МАКЕДОНИЈА СО САЕМСКО ПРЕТСТАВУВАЊЕ ВРЕДНО 1,7 МИЛИОНИ ЕВРА – договор склучен со здружението „Јавна соба“

Владата на Република Северна Македонија потпиша договор во вредност од 1,7 милиони евра со скопското здружение „Јавна соба“ за осмислување и реализација на националниот павилјон на престојната меѓународна изложба ЕКСПО 2027, што ќе се одржи во Белград. Договорот е склучен на 9 јули 2025, а зад него стои Генералниот секретаријат на Владата, застапуван од генералниот секретар Игор Јанушев.
Според податоците објавени на сајтот за јавни набавки, вредноста на договорот изнесува 106.044.240 денари (околу 1.724.297 евра), со максимален рок на реализација од 30 месеци. Здружението „Јавна соба“, кое стои зад истоимениот културно-угостителски простор во центарот на Скопје и е предводено од Александар Велиновски, ќе има задача да го осмисли и имплементира целосното претставување на Македонија.
Проектот вклучува:
- изработка на лого и визуелен идентитет на македонскиот павилјон,
- архитектонски концепт и визуелни инсталации,
- продукција на видеоспотови,
- закуп на медиумски простор во српските медиуми,
- организација на престој и работа на 7 обучени промотери за време на целата изложба,
- свечено отворање и културна програма,
- како и видеодокументирање на целиот павилјон и активности.
ЕКСПО 2027 ќе се одржува од 15 мај до 15 август 2027 година и е прв ваков глобален настан на Западен Балкан. Организаторите очекуваат над 4 милиони посетители за време на 93-те дена од изложбата. Учеството досега го потврдиле 117 држави.
ЕКСПО е глобален формат на изложби започнат во 1851 година во Лондон, наменет за интернационална соработка, промоција на иновации и соочување со предизвиците на современиот свет. Претходната ЕКСПО беше одржана во Астана, Казахстан во 2017 година.


