ЕКОНОМСКАТА АКТИВНОСТ ЗАБРЗУВА Инфлацијата останува во фокусот на НБМ

Основниот инструмент на Народната банка сега има пократка рочност за поефикасно пренесување на монетарните сигнали

ЕКОНОМСКАТА АКТИВНОСТ ЗАБРЗУВА Инфлацијата останува во фокусот на НБМ
Фото: ЕМ Телевизија

Од денеска, Народната банка на Македонија почнува со примена на нова оперативна монетарна рамка, каде како основен инструмент ќе се користат благајнички записи со рочност од седум дена, наместо досегашните 42 или 49 дена.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на прес-конференцијата истакна дека модернизацијата на рамката е внимателно планирана со цел да се подобри ефективноста на монетарната политика.

Скратувањето на рочноста на основниот инструмент на седум дена овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари. Народната банка ќе ја одреди големината на понудата на седумдневните благајнички записи така што ќе обезбеди повлекување на ликвидноста од банкарскиот систем. Банките ќе продолжат да имаат на располагање депозити и кредити преку ноќ за управување со краткорочните ликвидносни промени“, објасни Славески.

На денешната аукција ќе се понудат 43 милијарди денари со каматна стапка од 4 проценти, а понудата на следните аукции ќе се одредува на неделна основа, според проектираните промени во ликвидноста на банкарскиот систем.

Во однос на монетарната политика, Славески посочи дека таа останува непроменета.

Внимателноста на монетарната политика е одраз на потребата за одржливо стабилизирање на инфлацијата, динамичната кредитна активност и на ризиците од надворешното окружување. Приходот кон новата рамка се спроведува преку поставување на каматната стапка на седумдневните благајнички записи на 4 отсто и зголемување на понудениот износ на основниот инструмент, рече гувернерот.

Според проценките на Народната банка, економската активност забрзува со раст од 3,8 проценти на годишна основа, пред сè поради позитивниот придонес на домашната побарувачка и растот на бруто-инвестициите. Октомвриските податоци за индустриското производство и трговијата упатуваат на натамошни поволни трендови.

„Инфлацијата останува во фокусот на монетарната политика, а трговскиот дефицит за четвртиот квартал е малку повисок од очекувањата. Надворешните ризици се следат внимателно, како и домашните фактори што влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка е подготвена да користи сите расположливи инструменти за одржување стабилност на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување ценовна стабилност на среден рок, порача Славески.

CATEGORIES
TAGS
Share This