ЌЕ СЕ ЗАПРАТ ЛИХВАРИТЕ ОД БРЗИТЕ КРЕДИТИ Министерката најавува поостра законска рамка
Таа објасни дека во процесот е вклучено и финансиското разузнавање преку механизмите за спречување перење пари, со цел поблиска соработка и идентификување на индикатори за можни неправилности.

Во вечерашното издание на емисијата Бизнис21 на ТВ21, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска зборуваше за состојбата и регулацијата на финансиските друштва во земјава.
„На пример, во една банка максималната изложеност на едно физичко лице може да изнесува до 55% од примањата. Кај финансиските друштва тоа е 70%. Ова е утврдено со закон, но законот точно дефинира што се смета за лично примање, како и обврската да се побараат податоци од кредитното биро и слично. Сега ги усогласуваме и доработуваме сите овие детали,“ изјави министерката.
Таа нагласи дека изминатата година значително се работело на зајакнување на контролата врз овие друштва.
„Две лиценци се одземени, а четири прекршочни налози и глоби се изречени. Имаме информации од терен за случувањата, и во моментов се подготвува уште една прекршочна постапка за друштво кое има сериозни пропусти во пресметките и начинот на калкулирање на трошоците, спротивно на законот,“ посочи таа.
Министерката нагласи дека целта на Владата не е директно затворање на ваквите компании, туку заштита на граѓаните.
„Некои друштва веќе вратиле повеќе од законски дозволеното. Сега тие нема само да добијат опомена, туку и конкретни инструкции што треба да направат. Посветуваме големо внимание на ова, и дефинитивно ќе се заостри рамката околу нив,“ додаде Димитриеска-Кочоска.
Таа објасни дека во процесот е вклучено и финансиското разузнавање преку механизмите за спречување перење пари, со цел поблиска соработка и идентификување на индикатори за можни неправилности.
„Во овој момент не можеме да откриеме премногу детали, бидејќи законот им дозволува дел од средствата до 1.000 евра да се исплаќаат во кеш. Работиме на тоа како и тој дел дополнително да се заостри,“ заклучи министерката за финансии.


