ЌЕ ИМА ЛИ НОВ ЦЕНОВЕН ШОК Дурмиши најави проверки и можни казни
Министерот вели дека засега нема сознанија за картелско здружување кај откупувачите, но институциите ќе реагираат доколку се утврдат неправилности.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши изјави дека Министерството засега нема сознанија за картелско здружување меѓу откупувачите на земјоделски производи. Тој порача дека, доколку се појават индиции за такво однесување, надлежните институции ќе преземат соодветни мерки.
„Доколку има сознанија за картелско здружување при откупот на земјоделските производи, Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе излезе на терен, ќе ги контролира сите здруженија и ќе постапи согласно законските можности“, изјави Дурмиши, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на Меморандумот за соработка во областа на трудот со Државата Катар.
Дурмиши посочи дека Државниот завод за статистика секој месец ги објавува податоците за движењето на цените, додека Пазарната инспекција врши контроли на терен.
„Чекаме овие денови да бидат објавени податоците и да видиме каква е состојбата со цените во август. Пазарната инспекција секој квартал излегува на терен и нè известува за состојбата со цените. Ќе ги споредиме податоците и ќе ја информираме јавноста“, рече министерот.
Тој потсети дека во јули инфлацијата на месечно ниво изнесувала 0,1 отсто, додека на годишно ниво била 2,3 проценти. Во истиот период, цените на прехранбените производи биле намалени за 1,3 проценти.
Дурмиши најави дека по објавувањето на августовските податоци од Државниот завод за статистика и извештаите од Пазарната инспекција, институциите ќе направат анализа и, доколку има потреба, ќе преземат мерки.
„Ако има девијантно однесување или неоправдано зголемување на цените на прехранбените производи од страна на трговците, ќе ги употребиме сите механизми што ни стојат на располагање, како што тоа сме го правеле и во минатото“, истакна Дурмиши.

