ДВА ИЛИНДЕНА – ЕДЕН ИДЕАЛ Прослави во Крушево, Пелинце и Скопје

Денешното чествување е потсетник на борбата за слобода и достоинство на македонскиот народ, како и на континуитетот на македонската државност низ вековите.

ДВА ИЛИНДЕНА – ЕДЕН ИДЕАЛ Прослави во Крушево, Пелинце и Скопје
Фото: Принтскрин

Денеска Македонија одбележува два големи историски настана – 122 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 81 година од Првото заседание на АСНОМ – темелни столбови на македонската државност.

Централната манифестација се одржува на „Мечкин Камен“ во Крушево, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Одбележувањето започнува со положување цвеќе на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите кај месноста „Слива“, а продолжува со панихида во храмот „Св. Никола“. Претседателката Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе и на „Мечкин Камен“ и ќе има свечено обраќање.

Во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски ќе положи цвеќе на споменикот на Никола Карев пред Собранието, на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена борец“, како и на споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштадот „Македонија“. Тој ќе ја предводи и партиската делегација на ВМРО-ДПМНЕ во Ташмаруништа, заедно со Ален Деребан и Јован Јаулески.

Во Меморијалниот центар во Пелинце ќе се одржи централното одбележување на 81-годишнината од Првото заседание на АСНОМ. На настанот ќе присуствува потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која ја предводи државната делегација.

Бендевска ќе положи цвеќе и во манастирот „Св. Прохор Пчински“, кој има особено историско значење за македонската државност.

Делегации од Собранието и политички партии ќе положат цвеќе и во Крушево, Пелинце и Скопје.

На полноќ спроти 2 август 1903 година, со ѕвонење на камбаните, започнало Илинденското востание во Крушево. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена, Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Републиката траела десет дена. Османлиската војска, предводена од Бахтијар-паша, со околу 18.000 војници, ја скршила Републиката. Со последните битки кај „Мечкин Камен“ и со загинувањето на Питу Гули, завршила оваа епска борба за слобода.

На 2 август 1944 година, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“. Заседанието го отворил Панко Брашнаров – симболично поврзувајќи ги двата Илиндена. Бил избран Президиум на АСНОМ со Методија Андонов – Ченто како претседател.

На заседанието биле усвоени документи со државотворна важност, како што се:

  • Решението за воведување на македонскиот јазик како службен,

  • Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот во демократска Македонија.

Денешното чествување е потсетник на борбата за слобода и достоинство на македонскиот народ, како и на континуитетот на македонската државност низ вековите.

CATEGORIES
TAGS
Share This