ДУРМИШИ НАЈАВУВА – Десеткратно зголемување на казните за нефер трговски практики

Законот за нефер трговски практики е во сила повеќе од една година, но неговата примена не е целосна.

ДУРМИШИ НАЈАВУВА – Десеткратно зголемување на казните за нефер трговски практики
Фото: Принтскрин

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека казните за нефер трговски практики ќе се зголемат десеткратно. Тој појасни дека се разгледува можност казни да се воведат и за добавувачите, а не само за трговците.

Законот за нефер трговски практики е на сила веќе повеќе од една година, но неговата примена не е целосна. Дел од трговците формално ги усогласиле договорите, сепак се сè уште се регистрираат недозволени практики.

„Сметаме дека сегашните казни се мали и недоволни. Поради тоа, во наредниот период ќе ги зголемиме десет пати за сите трговци што го прекршуваат законот. Целта е да се обезбеди животен стандард за граѓаните, бидејќи не може трговците да профитираат на нивна сметка. Се размислува и за воведување казни за добавувачите, кои досега не беа опфатени, бидејќи понекогаш тие се договараат со трговците за зголемување на рабатот наместо да ги пријавуваат недозволените практики“, истакна Дурмиши.

Пред донесувањето на законските измени, ќе се одржат средби со сите засегнати страни, дистрибутери, трговци и производители. Дополнително, можно е да има и јавна дебата за да се вклучат сите засегнати.

„Прво ќе ги известиме за измените, потоа ќе ги доставиме како предлог во владина процедура, а потоа ќе одиме во Собрание. Пред законот да стапи на сила, може да се организира и јавна дебата со сите засегнати страни“, додаде министерот.

CATEGORIES
Share This