ДРЖАВАТА ЗАПОЧНУВА ПЛАЌАЊА ВО ЕВРА ПРЕКУ СЕПА – Помалку трошоци, поголеми заштеди
Плаќањата ќе бидат побрзи, побезбедни и поевтини, со фиксни надоместоци од 3 до 5 евра.

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, заедно со претседателот на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана, Блаж Бродњак, и членот на Управниот одбор, Антонио Аргир, потпишаа договор за меѓусебна соработка што ѝ овозможува на Народната банка да започне со плаќања преку СЕПА.
Од 9 декември 2025 година, државата и државните институции ќе можат да плаќаат и да примаат средства во евра според стандардите на СЕПА. Овој систем обезбедува побрзи, побезбедни и поевтини трансакции.
Наместо досегашните просечни трошоци од 14 евра за плаќања преку кореспондентни банки, плаќањата преку СЕПА ќе чинат: 3 евра за електронски налози, 5 евра за хартиени налози и приливи преку СЕПА – 3 евра
Со оглед на тоа што 80% од одливните плаќања и 90% од приливите на државата се во евра, пониските надоместоци ќе донесат значителни заштеди за државата и институциите.
„Со овој чекор, Народната банка, покрај регулаторната и надзорната улога, ја потврдува и својата оперативна улога во обезбедувањето подобри и поквалитетни услуги за државата и институциите во извршувањето на прекуграничните плаќања“, изјави гувернерот Славески.
Претседателот на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана, Блаж Бродњак, додаде:
„Чест ни е што сме избрани за банка која ќе ја обработува оваа услуга за Народната банка на Северна Македонија. Ова е значаен чекор кон подлабока интеграција со платниот систем на ЕУ и ја поддржува целта за интеграција во Европската Унија. Дополнително, ова се надоврзува на неодамнешното воведување на Apple Pay и успешното приклучување на НЛБ банка Скопје во СЕПА кредитниот трансфер.“
По пристапувањето на Северна Македонија кон СЕПА, граѓаните и компаниите веќе можат да користат побрзи, побезбедни и поевтини плаќања во евра, а сега Народната банка овозможува и државните институции да ги користат придобивките од овој систем. На овој начин, се обезбедуваат значителни заштеди при прекуграничните плаќања со четириесетте земји членки на СЕПА.

