ДРАМА ВО НАТО – Шпанија му сврте грб на Трамп, не дава ни небо ни бази
Мадрид воведе строга забрана и американските авиони принудени да бараат алтернативни рути.
Шпанија направи драматичен чекор и го затвори својот воздушен простор за американски воени авиони поврзани со нападите врз Иран, дополнително заострувајќи ја својата позиција по претходната забрана за користење на заедничките бази.
Министерката за одбрана Маргарита Роблес изјави дека Мадрид нема да дозволи ниту бази ниту воздушен простор да се користат за операции поврзани со конфликтот. Според извештај на El País, оваа мерка ги принудува американските авиони да ја заобиколуваат Шпанија на пат кон Блискиот Исток, освен во итни случаи.
Одлуката е дел од пошироката политика на шпанската влада да не учествува во, како што ја оценува, еднострано започнатата војна. Министерот за економија Карлос Куерпо нагласи дека станува збор за принципиелна позиција, иако постои ризик од влошување на односите со САД.
Премиерот Педро Санчез останува меѓу најгласните критичари на американско-израелските напади врз Иран, кои ги нарекува нелегални и неодговорни.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп возврати со закани за прекин на трговијата со Мадрид, што дополнително ги зголемува тензиите меѓу двете сојузнички земји.
