ДРАГАН КОВАЧКИ – Нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, избран и нов Извршен комитет
Следуваат избори на општински комитети и кадровски решенија

На вечерешната седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, беше донесена одлука Драган Ковачки да ја преземе функцијата генерален секретар на партијата а беше избран и нов Извршен комитет. Ова е дел од процесот на кадровско реекипирање и зајакнување на партиските структури.
Претседателот на партијата и премиер, Христијан Мицкоски, го соопшти и составот на новиот Извршен комитет. За нов генерален секретар е избран пратеникот Драган Ковачки. Членови на Извршниот комитет се: Александар Николоски, потпретседател на Владата и министер за транспорт; Владо Мисајловски, министер за одбрана; Гордана Димитријевска-Кочовска, министерка за финансии; Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија; Никола Мицевски, координатор на пратеничката група; Луке Галевски од Кабинетот на Владата; потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски; пратеничките Дафина Стојановска, Рашела Мизрахи и Ели Панова; националниот координатор за демографија Влатко Ѓорчев; градоначалниците Кирил Пецаков, Орце Ѓорѓиевски и Онер Јакуповски; Марија Андоновска; Игор Јанушев; портпаролката на Владата Марија Митева; Благоја Ташаминов; Драгана Бојковска; Синиша Стојановски; министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски; Филип Поповски и директорот на Царина Бобан Николовски.
За организациски секретар е избран Ивица Томовски, а Владимир Неловски продолжува да ја извршува функцијата шеф на кабинетот на претседателот и на Владата, како и шеф на кабинетот во рамки на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски пред седницата истакна дека ЦК ќе го сочинуваат сите што по статут се дел од ИК. Автоматски во комитетот ќе бидат координаторот на пратеничката група, претседателите на Унијата на жените, Унијата на младите и Унијата на ветераните, како и претседателот и генерален секретар на партијата. Новиот Извршен комитет ќе брои 29 членови, при што околу 20-25% од нив ќе бидат нови лица.
„Партијата во овој мандат нема повеќе да има потпретседатели. Ќе има претседател, генерален секретар и членови на Извршниот комитет. Овие луѓе се моите најблиски соработници од првиот ден. Со новото раководство, сакаме да обезбедиме рамноправен терен за сите кои сакаат да придонесат, прво за ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и за Владата“, изјави Мицкоски.
Првиот состанок на новиот ИК е планиран за следната недела, кога ќе се донесат одлуки за генерален реизбор на општинските комитети и кадровски решенија, вклучително избор на претседатели на Градскиот комитет и на некои републички партиски комисии. По формирањето на општинските комитети, ќе се размислува и за составот на Владата, избор на нови кандидати и можни промени на ресори. Мицкоски очекува целиот процес да заврши до мај или јуни, додека од есен ќе следи ажурирање на членството на партијата.
Премиерот најави дека веднаш по седницата ќе отпатува за Минхен, но истакна дека Владата и оваа година ќе спроведе значајни реформи за граѓаните, со цел 2026-та да биде успешна на повеќе полиња.


