ДПА СО ПОРАКА ДО ВЛАДАТА Нема покана, ама нема ни да кажеме „не“
Алиу откри – партијата е подготвена за разговори и со Владата, и со сите политички чинители.

Членот на Централното претседателство, Имер Алиу, во изјава за медиумите рече дека партијата сè уште нема добиено официјална покана за приклучување кон Владата, но доколку ја добие нема да ја одбие. Тој додаде дека во следниот период ќе се следи развојот на ситуацијата и ќе се води дијалог со сите релевантни чинители, вклучително и со Владата.
„Не, немаме добиено покана, но нема да ја одбиеме доколку пристигне. Ќе имаме дијалог, односно дебата со сите, вклучително и со Владата. Јасно е дека агендата на Демократската партија на Албанците и таа на Владата и владејачките партии се разликуваат, но ќе разговараме со сите“, изјави Алиу.
Во врска со локалните избори, тој порача дека „поразот на ДУИ не претставува национална трагедија“, потенцирајќи дека сега е време за исполнување на ветеното, а одговорноста за тоа ја има албанската партија што е дел од Владата.
„Многу ветувања беа дадени, сега е моментот тие да се реализираат. Ќе ја повикаме на одговорност албанската партија на власт, затоа што тие ветија и сега немаат изговор да не ги исполнат ветувањата. Ние, како ДПА, ќе бидеме тие што ќе бараат отчет од оние што имаат функции во локалната и централната власт. Поразот на ДУИ не е национална трагедија“, нагласи Алиу.

