СЕ ВРАЌА ПРЕСМЕТКАТА НА МИНИМАЛНА ПОТРОШУВАЧКА КОШНИЧКА Домашното овошје и зеленчук во фокусот, нема да вклучува алкохол, цигари
Овошјето и зеленчукот произведени во Македонија ќе бидат основа во новата владина потрошувачка кошничка, која се очекува наскоро да биде финализирана
„Најмногу ќе бидат застапени производите што се произведуваат во Македонија,“ изјави Љупчо Трипуновски од МЗШВ, додавајќи дека е подготвен и календар за сезонско присуство на земјоделски култури, врз чија основа кошничката ќе се ажурира во текот на годината.

Овошјето и зеленчукот произведени во Македонија ќе бидат основа во новата владина потрошувачка кошничка, која се очекува наскоро да биде финализирана. Министерството за земјоделство веќе доставило обемна листа на земјоделски производи до Министерството за економија, која, според дополнителни консултации со синдикати и организации на потрошувачи, ќе биде вклучена во конечната верзија.
Министерството за економија веќе објави дека кошничката е подготвена и базирана на податоци од Државниот завод за статистика и Пазарниот инспекторат. Сепак, засега нема детална содржина. Познато е дека нема да вклучува алкохол, цигари или одмор во странство. Кошничката ќе служи како модел за мерки за заштита на животниот стандард.
Минималната потрошувачка кошничка престана да се пресметува од страна на Државниот завод за статистика во 2011 година, а од тогаш нејзиното одредување го презеде Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Последната сума, објавена од ССМ за февруари, изнесува 63.773 денари за четиричлено семејство.
Според државната статистика, инфлацијата во март е намалена за 1,3% во однос на февруари, најмногу поради пониските трошоци за храна и пијалаци.


