ДОЦНИ СЕИДБАТА НА ЖИТНИ КУЛТУРИ – Совет од експерт што да се прави
Поплавите и обилните дождови го одложија есенското сеење на житото во источна Македонија.

Поплавите и обилните врнежи од дожд во некои региони на источна Македонија ја пролонгираа есенската сеидба на јачменот и пченицата. Потпретседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Гоце Сарафимов, истакнува дека околу 40% од површините сè уште не се посеани.
– „Есенската сеидба сè уште е во тек и не е завршена поради неповолните временски услови. Последните пообилни дождови го отежнуваат процесот, и мислиме дека околу 40% од површините сè уште треба да се засеат со житни култури“, вели Сарафимов.
Земјоделците се загрижени дека задоцнетата сеидба може да доведе до намалени приноси на јачменот за стока и на пченицата за леб.
Универзитетскиот професор на Земјоделскиот факултет во Штип, Мите Илиевски, советува дека за спас на сеидбата, земјоделците треба да размислат за сеење пролетни или факултативни сорти на житни култури.
„Производителите треба веднаш да почнат со сеидба кога временските услови ќе дозволат, користејќи сертифициран семенски материјал од сорти со факултативни својства, кои можат да се садат и во зимскиот и во пролетниот период. На тој начин, овие површини ќе можат да се искористат ефективно“, објаснува Илиевски.
Тој додава дека македонските земјоделци повеќе ја ценат есенската сеидба, бидејќи таа дава повисоки приноси. Во просек, околу 85% од површините под житни култури се сеат во есенскиот период. Годишно, македонските производители произведуваат околу 250.000 тони пченица, што не е доволно за домашните потреби, па затоа се увезува дополнително пченица од странство.


