ДО 2.100 ДЕНАРИ ОД МОЈ ДДВ Еве до кога треба да легнат парите

Граѓаните што скенирале фискални сметки во јули, август и септември ги очекуваат парите за третото тримесечје, но УЈП сè уште нема објавено точен датум за исплатата.

ДО 2.100 ДЕНАРИ ОД  МОЈ ДДВ Еве до кога треба да легнат парите
Фото: Принтскрин

Граѓаните кои во периодот од јули до септември 2026 година скенирале фискални сметки преку апликацијата „МојДДВ“ наскоро треба да го добијат повратот на данокот на додадена вредност. Според законскиот рок, исплатата за третото тримесечје треба да се реализира најдоцна до 30 ноември, а секој корисник може да добие до 2.100 денари, зависно од прифатените фискални сметки и пресметаниот ДДВ.

Од Управата за јавни приходи засега нема официјална потврда за точниот датум на почеток на исплатата. Динамиката ќе зависи од обработката на податоците и реализацијата на налозите за префрлање на средствата.

Висината на повратот не е иста за сите граѓани. Таа зависи од бројот и вредноста на прифатените фискални сметки, како и од износот на пресметаниот ДДВ. Според правилата на „МојДДВ“, за купени македонски добра и услуги се враќаат 20 проценти од пресметаниот ДДВ, додека за останатите добра и услуги повратот изнесува 10 проценти.

Доколку сите четири члена на едно семејство се регистрирани корисници и го остварат максималниот поврат, семејството може да добие вкупно до 8.400 денари за едно тримесечје.

Пред префрлањето на средствата, корисниците треба да проверат дали во апликацијата имаат внесено точни и ажурирани податоци за трансакциската сметка. Ова е особено важно за граѓаните кои во меѓувреме ја смениле банката или ја затвориле старата сметка. Неточните или застарените податоци може да предизвикаат доцнење на исплатата, дури и кога фискалните сметки се скенирани навреме.

Мерката „МојДДВ“ продолжува да се спроведува и во 2026 година. Според претходно објавените податоци, во текот на 2025 година на граѓаните им биле вратени повеќе од 3,47 милијарди денари, односно околу 56,4 милиони евра.

CATEGORIES
Share This