ДНК ГО ИЗДАДЕ Форензичарите открија чии траги имало на пакетите со 350.000 евра скриени зад ѕидот

Форензичари од МВР сведочеа дека на алуминиумските фолии со парите биле пронајдени биолошки траги од обвинетиот.

ДНК ГО ИЗДАДЕ Форензичарите открија чии траги имало на пакетите со 350.000 евра скриени зад ѕидот
Фото: Национал

Во продолжение на судскиот процес против апелациониот судија Ѓоко Ристов, обвинет за перење пари сведочеа форензичари од МВР, кои потврдија дека на алуминиумските фолии во кои биле завиткани 350.000 евра биле пронајдени биолошки траги што се совпаѓаат со ДНК-профилот на обвинетиот. Според сведочењата, парите биле во апоени од 500 и 200 евра, распоредени во 13 пакети завиткани со алуминиумска фолија и сокриени зад заѕидан дел во кујната на семејната куќа. Полицијата двапати вршела претрес на објектот, а скривалиштето било откриено откако истражителите забележале плочка што била несоодветно залепена.

Обвинителката Искра Хаџи Василева изјави дека обвинителството е задоволно од доказите презентирани на денешното рочиште, нагласувајќи дека ДНК-анализата претставува еден од клучните елементи во постапката.

„Особено суштинско е она кое побудува интерес со ДНК-анализата на биолошките траги. Обвинителството е задоволно од она што беше презентирано на денешната расправа, кое неспорно потврдува и го дообјаснува значењето на самата ДНК-анализа“, изјави Хаџи Василева.

Одбраната, пак, ги оспори резултатите од вештачењето, тврдејќи дека постои сериозен сомнеж во начинот на кој биле чувани доказите. Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ посочи дека поминале околу 80 дена од заплената на парите до нивното вештачење, период во кој, според него, не е јасно како бил обезбеден доказниот материјал. Тој нагласи дека вештачени биле само парчиња од алуминиумската фолија, а не и самите банкноти, и оцени дека тоа отвора дополнителни дилеми околу кредибилитетот на доказите.

Според обвинението, Ѓоко Ристов го користел катот од семејната куќа во Неготино каде што биле пронајдени парите. Одбраната, пак, тврди дека средствата потекнуваат од продажба на семејни лозја. Истрагата против Ристов произлезе од претходен предмет за примање поткуп, во кој беше уапсен адвокатот Стафа. Според обвинителството, парите што ги зел од обвинетиот Љупчо Пецов биле наменети за посредување за обезбедување поблага судска мерка токму кај судијата Ристов.

CATEGORIES
Share This