ДИК ПОРАЧУВА: Ждрепката за избирачкото ливче ќе се одржи во четврток
Исто така, беа усвоени шест обрасци за функционирањето на општинските изборни комисии, а беа прифатени и 24 барања за иземање на членови на ОИК.

Во четврток, на 25 септември, во Државната изборна комисија (ДИК) ќе се одржи ждрепката за утврдување на редоследот на кандидатите за градоначалници и советнички листи на избирачкото ливче за претстојните локални избори.
ДИК заедно со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Државниот завод за ревизија (ДЗР) потпишаа меморандум за соработка, со акцент на транспарентноста во финансирањето на изборната кампања преку редовна размена на финансиски извештаи. Документот предвидува и заеднички активности за унапредување на почитувањето на изборната регулатива, како и постапување по претставки, приговори и други прашања од заеднички интерес.
Дополнително, меморандумот опфаќа консултации, размена на искуства и реализација на заеднички проекти.
На денешната седница, ДИК информираше дека на нивната официјална веб-страница ќе бидат објавени описите за сите 3.480 избирачки места. Од понеделник започнува и обуката на избирачките одбори, за што е усвоен посебен план за работа.
Исто така, беа усвоени шест обрасци за функционирањето на општинските изборни комисии, а беа прифатени и 24 барања за иземање на членови на ОИК.


