ДЕСЕТ ГОДИНИ ОД КУМАНОВСКО ДИВО НАСЕЉЕ Сеќавање на хероите што ги загубивме
Загинаа Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ - сите посмртно одликувани со медали за храброст за нивната пожртвуваност во извршување на службените должности.

Денес се одбележуваат десет години од трагичните настани во кумановската населба „Диво насеље“, каде што на 9 и 10 мај 2015 година се одвиваше една од најтешките безбедносни кризи во поновата историја на државата. Во 28-часовните престрелки животот го загубија осум припадници на безбедносните сили, а уште 37 беа повредени.
Загинаа Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ – сите посмртно одликувани со медали за храброст за нивната пожртвуваност во извршување на службените должности.
Во знак на сеќавање и благодарност, во кругот на Секторот за внатрешни работи Куманово беше откриена спомен-плоча посветена на загинатите. Во центарот на Куманово, пак, беше изработен и мурал со натпис „Хероите живеат вечно“, кој симболично ги овековечува нивните имиња и нивната жртва.
Двата дена на инцидентот Куманово живееше во неизвесност и страв. Населбата „Тоде Мендол“, позната како „Диво насеље“, беше целосно изолирана од безбедносните сили. Се слушаа истрели со различен интензитет, жителите беа евакуирани, а над населбата патролираа хеликоптери.
Граѓаните на Куманово и денес апелираат трагедијата од „Диво насеље“ никогаш да не се повтори. Овој настан останува длабоко врежан во колективното сеќавање на градот како симбол на жртвата, но и на потребата од траен мир и стабилност.


