ДЕНЕСКА ВО СУДОТ ПРАШУВАШЕ ОБВИНИТЕЛСТВОТО Еве што го праша Палевски
Ниеден од другите четворица сообвинети, ниту нивните адвокати немаа прашања за првообвинетиот Палевски.

На денешното рочиште за убиството на Вања и Панче, на вкрстени прашања од обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска одговараше првообивнетиот Љупчо Палевски, кој притоа ја обвини обвинителката и целиот правосуден систем за политички прогон. Палевски негира вина и вели дека сите обвинувања против него се политички мотивирани.
Обвинителството се повика на казнената евиденција на Палевски, посочувајќи дека тој во последните 20 години повеќепати бил осудуван – во Хрватска и Македонија. Меѓу делата се измама во економско работење, нарушување на платниот промет, злоупотреба на службена положба и овластување, како и оддавање службена тајна.
„Ниту едно од овие дела не е поврзано со насилство, грабнување или убиство“, рече Палевски.
Тој објасни дека дел од пресудите во Хрватска биле донесени во негово отсуство и се однесувале на неплатени фактури од правен субјект, а не лично од него како физичко лице.
Палевски посочи и дека бил осуден условно за делото пресретнување и снимање телефонски разговори, за што обвинителството не ја спомнало донесената пресуда во Основниот суд во Прилеп. Според него, тоа покажува дека правосудниот систем селективно ја користи неговата казнена евиденција за да го прикаже како повторувач на кривични дела.
„Осуден сум за престретнување и снимање на телефонски комуникации без разлика што колегата од Прилеп барал условна казна. Оваа пресуда е донесена додека бев во притвор во Скопје. Јас сум политички противник и лош сведок на ЈО. Снимените разговори ниту еднаш не беа злоупотребени. Но, пред референдумот 2017 година бев следен и сликан. Во документите на УБК беше напишано дека јас сум подготвувал атентат на тогашниот премиер Заев, рече Палевски пред судот.
Дополнително, Палевски откри дека неодамна добил известување од Јавното обвинителство за нова истрага поврзана со трговија со распрскувачки материјали и недозволено држење муниција. Станува збор за предмет во кој биле пронајдени 18 куршуми и пиштол за кој поседувал дозвола уште во 2020 година.
„По пет години, се сетиле токму сега да отворат нова истрага против мене“, рече Палевски, додавајќи дека ова е уште еден доказ за политичка пресметка.
На прашањето на обвинителката дали и осудите во Хрватска се резултат на политички прогон, Палевски одговори дека таму бил осуден за економски прашања, а не политички.
Тој исто така објасни дека актуелната постапка за оддавање службена тајна се однесува на објавени службени белешки на тогашната УБК, во кои, според него, е потврдено дека бил незаконски прислушкуван, фотографиран и следен пред референдумот во 2018 година.
Еве што уште го праша Палевски обвинителката Крстевска Јосифовска.
Од телефонската анализа на 22 ноември 2023 година имате пропуштени 7 повици на Телеграм, до 13.14 часот. Тоа значи дека не сте можеле да разговарате до 13 часот? – праша обвинителката.
„Не е така, не се толку пропуштени повици. Имам пропуштен повик од секретарот Миле. После имам повик од Ѓорѓи Ѓолев, а јас му ѕвонев во 12.12 часот. А ако сте ги гледале комуникациите од 21 ноември ноќта, ќе видите дека Миле секретарот до 12 и кусур ноќе ми ги праќал кривичните пријави да ги читам. А тоа што не сум го користел Телеграм може да значи дека спијам, имам секс, јадам, шетам куче, правам што сакам. Но, во истото вештачење, вие не го видовте, во истиот ден, 22 ноември, дека во 23.36 сум разговарал со Манев 36 секунди на апликацијата Телеграм, мојот телефон во Скопје, неговиот во Велес. Истото се случило во 2 часот наутро, веќе 23 ноември после полноќ. Кога јас повторно му ѕвонам на Манев, антената ми е кај Народна банка, а Велибор не се јавува. Тоа е времето кога Манев тврдеше дека сум го однел навечер на место на настан Дупки, бил во импровизација, гледал викендички. Тоа не го поставивте како прашање, а е во истиот ден и во истото вештачење. Заборавивте да ги кажете моите комуникации по 12.10 часот. Со Миле во 12.10 минуто и 40 секунди, Ѓорѓи Ѓолев 12.12, со Зора Палевска во 12.18. потоа со Стефан Димковски, па во 12.47 повторно со Стефан, па со брат ми во 12.48, па со Ѓолев повторно во 12.56. И подоцна има еден разговор на обична линија, со Ведат, кој носи дрва, па има уште еден разговор во 13.19, разговор со мојата сопруга и го има и Боре Видевски, кој ме бара во 13.56. Овде на секои 3 минути имам по еден разговор. Невозможно е на 22.11.2023 да има состаноци, кафе пиење, мои закани, давање клучеви за возило и сѐ она што беше кажано дека се случувало во мојата канцеларија по 12 часот“ – рече Палевски.
На 27.11.2023 кажавте дека сте се движеле по одредени улици до експозитурата на Халк банка на булеварот Партизански одреди, каде што велите дека сте платиле за закупот за 12. месец и сте имале прво плаќање во 11.30, а второ плаќање во 11.44. Нели е чудно, несвојствено за вас, наеднаш да ви текне, да плаќате однапред кирија за 12. месец, што дотогаш не се случило ниеднаш, со оглед на лошата финансиска состојба на партијата и здружението. Го извршивте ли плаќањето за да си обезбедите алиби? – праша обвинителката.
„Кој било човек, ако сака такво алиби, како што тврдите, можел да го користи мојот телефон, да куца пораки, да разговара, со што би била решена оваа логика. Јас би имал „алиби“. Но, прашањето може да се постави и поинаку. Ако сум убил, ќе правев сигурно алиби. Но, јас отидов да платам откако добив денари на сметка. Токму кога вие тврдите дека имало неуспешен обид за грабнување на Вања на 24.11.2023 година јас бев исто така, во истата таа банка, во експозитура Буњаковец. Јас не знаев дека правам алиби, туку со мојот печат морав лично да отидам во Халк банка за да потпишам заклучница и да удрам печат за продажба на девизен прилив од Гугл, Јутјуб, 1.000 евра. И така, јас без да имам намера, сум си направил алиби и за 24 ноември. Иако, времето, кога бев да потпишам заклучница не е 7.20 часот, како што тврдите, туку е после 10 часот. Токму затоа што не сум правел алиби на начин како што сум можел да направам, покажува нешто друго, а не намера да грабнуваш и да убиваш. Дополнително, вие слушнавте дека сите биле под уцена од мене, се плашеле да не им ги убијам фамилиите и ме слушале. Па, што имало потреба јас да одам и да убивам малолетни деца, туку едноставно ќе сум наредел. Зошто би отишол од Скопје до Велес, да го убијам Панче, за „цитроен“ канта кој е поевтин од мојот ајфон? Но, според вашето тврдење без докази, јас сум морал да одам да го убијам Панче. И покрај тоа што сте ги обезбедиле доказите дека некој 10 години наназад имал пријави од Панче Жежовски и сте ги потпишале неговите претставки на јавните обвинители. Во тие претставки Жежовски тврди дека Манев е под заштита на ОЈО Велес. Но, вие упорно тврдите дека јас сум отишол во Велес за да убијам за канта возило“ – образложи тој.
Кажавте дека криминален ум би ја убил Зорица Ѓорчевска, а не Вања, бидејќи обвинетиот Александар Ѓорчевски во тој случај би наследил дел од половината од имотот. Вам познато ли ви беше дека Александар и Зорица се разведени и дека во случај на евентуално ликвидирање на Зорица, Александар не би наследил никаков дел од нејзиниот имот? – праша обвинителката.
„Не, не ми беше познато, од повеќе причини. Прво, заборавивте дека Зорица Ѓорчевска и нејзините деца се доселени во станот 90 дена пред грабнувањето на Вања. Ова јас го сметам за навреда. Сега ќе објаснам зошто. Вашиот мотив во обвинението е нелогичен и недокажан, затоа што не сте приложиле ниеден доказ. Моето компарирање на логики и кажување дека, доколку е користољубие, ќе имаше засолниште, а не класично убиство, ќе имаше контакт со мајката или со таткото, сеедно, за да се направи таа уцена и да се принуди некој да даде пари. Вие не понудивте ниту еден доказ за таа многу важна околност – мотивот. Затоа и дадов пример, со просечен криминален ум. Не разводи, или не знам што. Не ме интересира тоа. Јас во списите прочитав дека Александар веќе го поседува најскапиот имот на семејството, станот во зградата „Фонтана“, каде е грабнато детето и кој има вредност над 250.000 евра, а остатокот од имотот доколку биде убиена мајката, а не детето, затоа што е малолетно, законски старател е Александар. Во тој контекст беше кажано и објаснето, дека мотивот не само што не е докажан, туку е тотално нелогичен“ – рече Палевски.
Рековте дека на 22 ноември 2023 година сте добивале повици и сте разговарале со луѓе на секои две минути. Значи ли тоа дека до 12 часот не сте биле достапен за овие луѓе и не сте им одговарале, па имало потреба после 12 да го надоместите испуштеното и со сите да се слушнете? – праша обвинителката.
„Не сум се слушнал со сите кои ме барале, туку со Миле и со Ѓоле. Останатите, исто така, ме барале после 12. Многу добро знаете од вештачењата дека пред 10 никој не ми врти на телефонот, затоа спијам до подоцна. Јас одговорив што сѐ сум можел да правам тоа утро, но сум правел и сервис кај Ерол Османи. Ги прегледав сите 120 страници од извештајот на македонски Телеком. Госпоѓо обвинителке, никаде не постои базна станица на Палевски во Бутел, ни на 22 ноември ни на 28 ноември. Како, пак, на 28 сум му го поправал котелот на Османи во Бутел, а ме нема на базна станица? – ја праша обивинителката Палевски.
За 22.11.2023 година вие тврдите дека за време на кривичниот настан го поправате котелот на Ерол Османи, но од доказите произлегува дека во критичниот ден вие со Ерол немате никаква комуникација, освен еден неуспешен повик од него, во попладневните часови, во 16.20 часот. Така ли е? – праша обвинителката.
„Податокот дека имало само еден повик на мобилна линија од страна на Османи, е точен и неспорен. Но, зошто би ми ѕвонел, кога јас сум кај него во Бутел и му поправам котел? Ова би требало Ерол да го одговори. Јас докажав дека на 28 ноември физички е невозможно да бидам кај него и да му го поправам котелот. Токму затоа на 22 ноември се избришани 6 полиња едно по друго од податоците на Телеком за базните станици. При одговор на ова важно прашање потенцирам дека времето на смртта на Жежовски не е утврдена ниту со доказ, ниту со извештај на судска медицина, туку се базира на искази на двајца сообвинети, кои токму за таа околност кажуваат различни аргументи. Котелот е поправен на 22 ноември, како што кажа Ерол, од 11.40, кога сум му пратил порака, па натака. А кога е убиен Панче, јас не знам“ истакна Палевски.
Сведокот Ерол сведочеше дека котелот сте го поправале на 28, а не на 22 ноември. Но, ќе се согласите ли со мене дека, за да одите на 22 ноември кај Ерол и да го поправате котелот, претходно логично е да искомуницирте со него и да се договорите во кое време точно би дошле, нели? – праша обвинителката.
„Секако. Не е околу времето, кога точно, затоа што Ерол заборави да објасни дека котелот се наоѓа во сутеренот на неговата куќа, каде се наоѓа печатница, која е отворена две смени. Неколку пати сум бил таму да го поправам котелот и без да биде присутен Османи. Но, секако е логично да се договориме пред да отидам. На јавната обвинителка, треба да ѝ е познато дека далеку пред 22 ноември, мислам дека е 16 ноември, Османи го сликал редукторот и ми го пратил како фотка. Тоа е еден механички склоп од многу запчаници, што мора да се отвори и да се прередат сите запчаници. За тоа не треба лаптоп, како што пишува во една од пораките од Ерол. На 22 јас не носев лаптоп, туку голема кутија со алат и го направив редукторот. Подоцна, каде што во пораките се споменува „Имам лаптоп со себе, ќе пројдам“, тоа е за сетирање на автоматитката на котелот, а не поправање на редукторот. Тој втор сервис и сетирање на котелот никогаш не е направен, а котелот работеше. А за 28 ноември, дополнувам, дека сѐ она што го кажа, ќе биде објаснето во дополнителна доказна постапка. Со докази, а не со скринови од телефонот на Османи, кој не е вештачен“ потенцираше Палевски.
За обвинителството е сомнително што три дена по убиството на Вања, Палевски кон Белград да изврши медициснки прегледи заминал без да понесе медицинска документација. Судијата Стефановски го праша Палевски за оваа околност.
Сте правеле магнетна резонанца во 2016? – праша судијата.
„Да, во 2016 и во 2020“ – рече Палевски.
Дали во Белград ги зедовте снимките од двете резонанци? – праша судијата.
„Да“ – одговори Палевски.
Дали ви беа одземени цедињата од резонанците? – праша судијата.
„Да, сите предмети ми се одземени, но во списокот не се наоѓаат двете цедиња од магнетните резонанци – рече Палевски.
Со денешното вкрстено испрашување заврши сведочењето на Палевски кој негира секаква вина. Според него обвинителството не успеало и да го докаже мотивот за двете убиства. Ниеден од другите четворица сообвинети, ниту нивните адвокати на денешното рочиште немаа прашања за првообвинетиот Палевски.
Да потсетиме, вина негираше и обвинетиот Боре Видевски, а делото го признаа Велибор Манев и Влатко Кешишев кои го посочија Палевски за организатор и извршител на убиствата на Вања н Панче. Следното рочиште продолжува со дополнение на доказната постапка кое судечкиот судија Ивица Стефановски го закажа за 16 мај.


