ДЕНЕШНА СОБРАНИСКА СЕДНИЦА Интерпелација за Коцевски и оставка на Димитровска

Комисиите за избори и именувања и за надзор на следење на комуникации исто така ќе одржат седници.

ДЕНЕШНА СОБРАНИСКА СЕДНИЦА Интерпелација за Коцевски и оставка на Димитровска
Фото: Национал

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 64. пленарна седница, на која се очекува да се констатира оставката на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Димитровска. На дневен ред е и интерпелацијата за работата на Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Седницата ќе ја води претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој по здравствена пауза се враќа на функцијата.

Во образложениет се наведени повеќе причини за интерпелацијата: селективни истраги за трагедијата во Кочани, политички влијанија врз Обвинителството, нефункционалност во Вишото јавно обвинителство – Скопје и непостапување за урбанистичките злоупотреби и дивоградби во Скопје.

Обвинителот Коцевски, во писмен допис до пратениците, ја оцени интерпелацијата како правно неоснована и политички мотивирана. Според него, таа претставува директен упад во самостојноста на Јавното обвинителство, која е загарантирана со Уставот.

За трагедијата во Кочани Коцевски нагласува дека се постапува против сите лица за кои се обезбедени докази, вклучувајќи и припадници на МВР и одговорни институции. Во истрагата се вклучени 14 осомничени. За политички влијанија тој негира дека постоел политички договор со Владата за запирање на постапката за негово разрешување, истакнувајќи дека Советот на јавни обвинители ја одбил иницијативата за негово разрешување како неоснована. За Вишото јавно обвинителство – Скопје Коцевски тврди дека токму тој иницирал дисциплински постапки за тешки повреди од страна на раководството на обвинителството, одлуки кои се потврдени од надлежните комисии. За дивоградбите: Обвинителството, според него, веќе има оформено предмети и води постапки – некои се во предистрага, некои во истрага, за некои е поднесено обвинение, а за други се водат судски постапки.

На крајот од дописот, Коцевски апелира до пратениците да ја отфрлат интерпелацијата, посочувајќи дека нема правен основ за неа, и дека ваквите постапки ја загрозуваат самостојноста на обвинителството.

На дневниот ред на седницата се и повеќе закони во второ и прво читање, меѓу кои:

  • Закони за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност, за внатрешни работи, полиција, културно наследство, метрологија, домување и други,

  • Закон за средно образование на верските заедници,

  • Измени на Законот за државни награди и за библиотеките,

  • Закони во прво читање поврзани со возила, работното време на мобилните работници и управување со државна и општинска сопственост.

Комисиите за избори и именувања и за надзор на следење на комуникации исто така ќе одржат седници.

CATEGORIES
Share This