ДЕНАРОТ Е НЕПОБЕДЛИВ – Гувернерот открива зошто граѓаните не ги повлекуваат депозитите
Депозитите растат, а довербата во банкарскиот систем останува силна дури и во услови на глобална неизвесност.

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во телевизиско гостување истакна дека довербата во денарот останува стабилна, без значителни промени во однесувањето на депонентите.
„По краткотрајни реакции карактеристични за секоја неизвесност, состојбата брзо се стабилизира. Депозитите не се намалуваат, напротив, бележат раст, што е јасен показател за довербата на граѓаните во банкарскиот систем“, додаде тој.
Гувернерот нагласи дека банкарскиот систем е стабилен и отпорен, со високо ниво на капитал и ликвидност. Адекватноста на капиталот изнесува околу 19%, обезбедувајќи значителен заштитен слој во услови на неизвесност.
Во однос на инфлацијата, д-р Славески посочи дека тековните светски случувања носат одредени ризици, особено преку цените на енергентите и нарушувањата во синџирите на снабдување. Сепак, Народната банка внимателно ги следи состојбите и е подготвена да интервенира со сите расположливи инструменти.
Дополнителна поддршка за стабилноста е обезбедена со девизните резерви, кои на крајот на февруари изнесуваа над 5,5 милијарди евра. Овој износ е значително повисок од 70% во однос на периодот пред пандемијата, што обезбедува сигурна основа за стабилноста на девизниот курс.
Што се однесува до изборот на вицегувернери, процесот се одвива согласно законските процедури. Предложени се двајца искусни професионалци од Народната банка: госпоѓата Ана Митреска, досегашен вицегувернер со искуство во монетарна политика и истражување, и господинот Игор Величковски, експерт за платни системи и интеграција во регионални и европски платежни структури. Овие предлози обезбедуваат континуитет и дополнителна стабилност на институцијата.


