ДЕН НА ВЕЧНОТО СЕЌАВАЊЕ – Почит кон младите загубени животи
Мир, сплотеност и почит кон младите чии имиња се врежани во темелите на градот

Годишнината од трагичната несреќа во дискотеката Пулс во Кочани ќе се одбележи со тродневна програма, од 14 до 16 март.
На 14 март се организира „Молитвен шепот“. Во храмовите ќе се палат свеќи за упокојување на душите на младите кои прерано ги загубија животите. Организаторите истакнуваат дека духовното единство ќе биде утеха за раните што сè уште болат.
На 15 март „Кочани Ви благодари“. Овој ден ќе биде посветен на лекарите, медицинските тимови и сите кои во критичните моменти помогнаа во спасувањето на повредените. Ќе бидат доделени статуетки како знак на благодарност, а ќе се одржи и културна програма во чест на оние кои беа светлина во најтешките часови.
16 март е Ден на вечното сеќавање. На денот на трагедијата, Кочани ќе застане во мир и сплотеност за да им оддаде почит на младите чии имиња, според организаторите, засекогаш се врежани во темелите на градот.
Градоначалникот Грозданов ги повика младите кои ја преживеаа ноќта на трагедијата лично да ги поканат лекарите и медицинскиот персонал кои се бореа за нивните животи:
„Ве охрабрувам сами да ги поканите вашите доктори, вашите ангели чувари. Општината ќе ги пречека со отворено срце и со сите почести, но вашата лична покана е она што ја прави разликата. Тоа е чин на жива благодарност.“
Со оваа програма, Кочани испраќа силна порака дека болката не е заборавена, но благодарноста и сплотеноста остануваат трајна вредност.


