ДЕБЛОКАДА НА ЕВРОПСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ Сиљановска Давкова и Жељазков може да се сретнат во Хаг
Според неа, официјалната потврда за средбата треба да пристигне токму од европската страна.

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, денеска изјави дека е подготвена да се сретне со бугарскиот премиер Росен Жељазков на претстојниот Самит на НАТО во Хаг, со цел деблокада на европските интеграции на Македонија, иако протоколарно е предвидено средбите да се одвиваат меѓу претседатели.
„Ред е да се разговара со хомологот, но не е проблем да се разговара и со премиерот Жељазков, особено ако тоа може да придонесе за напредок. Нема да присуствува претседателот Радев, тоа ми го пренесе господинот Антонио Кошта кога бев во Ница“, изјави Сиљановска Давкова, додавајќи дека иницијативата за можната средба дошла токму од претседателот на Европскиот совет.
Според неа, официјалната потврда за средбата треба да пристигне токму од европската страна.
„Ние не сме испратиле предлог за средба со Жељазков. Ако е тоа иницирано од европска страна, потврдата треба да дојде оттаму“, рече претседателката, потенцирајќи дека е секогаш подготвена за разговор и со претседателот Радев, со кого, како што рече, веќе има остварено повеќе средби. Тој ги знае нашите национални ставови, како и господинот Кошта и останатите. Верувам дека може да дојде момент кога ќе се изрази европската креативност, заради доброто на регионот и на процесот на проширување на ЕУ – најважниот процес во моментов“, додаде Сиљановска Давкова пред почетокот на Меѓународната книжевна манифестација „Празник на липите“.


