ДЕБИ ОД СОНИШТАТА – Бензема блесна со хет-трик на дебито за Ал Хилал
Бензема го постигна првиот гол со впечатлив удар со пета и комплетираше хет-трик во второто полувреме, заокружувајќи го совршеното деби.

Карим Бензема имаше незаборавен старт во новиот дрес на Ал Хилал. Само неколку дена по трансферот од Ал Итихад, кој предизвика вистински фудбалски „земјотрес“, Французинот постигна хет-трик во убедливата победа од 6-0 над Ал Окдуд, покажувајќи дека лидерот на првенството доби моќно засилување.
Првиот гол на Бензема за Ал Хилал стигна за само 31 минута, и тоа со впечатлив удар со пета. Во второто полувреме, шоуто продолжи: во само четири минути (од 60. до 64. минута), тој постигна уште два гола по асистенции на Малком, комплетирајќи го својот прв хет-трик. Пред да биде заменет во 73. минута, Бензема возврати со асистенција кон Малком, заокружувајќи го совршеното деби.
Додека Бензема слави, во таборот на Ал Наср владее хаос. Според светските медиуми, Кристијано Роналдо е незадоволен од трансферот, сметајќи дека државните фондови (ПИФ) му „го олесниле“ патот на Ал Хилал до титулата со ангажманот на Бензема. Португалецот веќе пропушти еден натпревар во знак на протест, а се шпекулира дека ќе го пропушти и дербито против Ал Итихад, сметајќи дека балансот во лигата е нарушен.
Со оваа победа, Ал Хилал се зацврсти на врвот на табелата со три бода предност пред Ал Ахли и четири пред Ал Наср. По мечот, Бензема изјави дека неговиот нов клуб е „Реал Мадрид на Азија“, а по ваквото деби, тешко е некој да му противречи.
