ДАНЕЛА ОТКРИ Во Чаир децата не играат фудбал – градат згради

Еден од најфрапантните случаи, како што вели Арсовска, се однесува на зграда чија изградба чинела над еден милион евра, а законските обврски за комуналии изнесувале над 1,5 милион евра. Според документите, инвеститор е прикажано малолетно лице - 11-годишниот Беким Аземи, брат на 15-годишниот иноватор Бујар Аземи.

ДАНЕЛА ОТКРИ Во Чаир децата не играат фудбал – градат згради
Фото: Национал

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска најави дека ќе бидат откриени 20 нови случаи на криминал поврзан со урбанизмот во Општина Чаир. Таа на својот профил на „Фејсбук“ објави дека единствено ЈП „Водовод и канализација“ и ЕВН постапиле по пријавите на Градот за нелегално градење, исклучувајќи диви приклучоци за вода и струја.

„Од сите институции, единствено ‘Водовод’ и ЕВН реагираа. Општина Чаир, иако знае дека не издала дозволи, се крие и дозволува продолжување на незаконското градење. Којзнае што е ветено таму“, напиша Арсовска.

Таа со иронија додаде дека со бројот и обемот на пријавените случаи, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, заслужува место во Гинисовата книга на рекорди.

Арсовска повторно го повика министерот за транспорт, Александар Николоски, да реагира, потсетувајќи дека Државниот градежен инспекторат има надлежности и во Скопје – исто како и во другите градови низ земјава.

Според градоначалничката, меѓу новите 20 случаи кои денеска ќе бидат поднесени до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, не станува збор за помали објекти како гаражи или доградби, туку за цели згради изградени без потребна документација и во целосна спротивност со законите.

Еден од најфрапантните случаи, како што вели Арсовска, се однесува на зграда чија изградба чинела над еден милион евра, а законските обврски за комуналии изнесувале над 1,5 милион евра. Според документите, инвеститор е прикажано малолетно лице – 11-годишниот Беким Аземи, брат на 15-годишниот иноватор Бујар Аземи.

„Во документацијата стои дека ова дете во 2010 година, на 11 години, изградило зграда, а на 12 години поднело барање за легализација со свој потпис. Ако ова е легално, тогаш навистина заслужуваме да бидеме ‘четврта најуспешна економија во Европа’. Ова не е шега – ова е криминал“, заклучи Арсовска.

CATEGORIES
TAGS
Share This