ДАЛИ ВАШЕТО ДЕТЕ ГО ЧИТА ОВА – Стојан Тарапуза има порака за секое срце
Ново дело од Стојан Тарапуза кое ќе ги инспирира генерациите на 21. век.

По повод Светскиот ден на книжевноста за деца, издавачката куќа „Панили“ ја објави книгата „Јатки од зборови“, ново дело од бардот на македонската детска литература, Стојан Тарапуза.
Песните што ја сочинуваат книгата се создавани спонтано и во тек на подолг временски период. Иако содржински се различни, сите нудат слични поуки, што му дава посебен белег на изданието. Книгата е составена од 26 поглавја со богата содржина, оформени во разговорна форма, која е исклучително важна за детското разбирање и развој. Во рецензијата се нагласува дека книгата „заличува на вазна од зборови и на гоблен извезан од прашања и од одговори“.
Стилот, формата и структурата се во духот на богатото творештво на Тарапуза, со препознатлива игра на звучноста и поучноста во стиховите. Неговата поезија за деца го проследи растењето на многу генерации, а денес, како дел од македонскиот книжевен канон, најновото негово творештво се издвојува како една од највредните поетски придобивки за деца во 21. век.
Во десеттата деценија од животот, Тарапуза останува еден од најпродуктивните македонски писатели, со активен творечки опус. Претходно, издавачката куќа „Матица македонска“ објави неколку негови книги во последните две децении. Критиката оценува дека неговите нови книги се задолжително четиво за секое дете, бидејќи секое издание одговара на различните фази на развој на детската личност и нуди високо естетско и дидактичко ниво што сѐ уште не е надминато во актуелната македонска поезија за деца.
Книгата „Јатки од зборови“, како и претходните изданија на Тарапуза, веќе е достапна во книжарниците на „Матица македонска“ и преку нивната веб-страница.
