ДАЛИ СЕ МЕНУВА ИГРАТА – Трамп подготвен да ги укине санкциите за Кина поради Иранската нафта
Американскиот претседател најави можна промена во санкциската политика кон кинеските енергетски компании.

Американскиот претседател Доналд Трамп откри дека за време на дводневната посета на Пекинг разговарал со кинескиот лидер Си Џинпинг за можноста САД да ги укинат санкциите кон кинеските компании што купуваат иранска нафта.
Вашингтон неодамна воведе санкции против неколку големи кинески рафинерии, меѓу кои и Hengli Petrochemical, поради увоз на нафта од Иран. Компанијата важи за еден од симболите на кинеската модернизација во енергетскиот сектор.
„Разговаравме за тоа и ќе донесам одлука во следните неколку дена“ – изјави Трамп пред новинарите во претседателскиот авион Air Force One, веднаш по заминувањето од Пекинг.
За време на разговорите, американската делегација ја отворила и темата за зголемување на кинескиот увоз на американски енергетски производи, иако кинеската страна не потврдила конкретен договор.
Трамп повторно испрати остра порака до Иран, нагласувајќи дека му „снемува трпение“ и дека Техеран не смее да дојде до нуклеарно оружје. Тој посочи дека со Си Џинпинг се согласиле дека Хормутскиот теснец мора да остане отворен.
Американскиот претседател изјави и дека би прифатил Иран да ја суспендира нуклеарната програма на период од 20 години, но само доколку постојат цврсти гаранции дека договорот навистина ќе се почитува.
Во меѓувреме, кинеското Министерство за надворешни работи изрази незадоволство од американско-израелските акции против Иран, оценувајќи дека конфликтот „никогаш не требало да започне и нема причина да продолжи“.
