ДАЛИ ОВА Е ПОСЛЕДНАТА КОЦКА ОД СЛОЖУВАЛКАТА Член на „Десна“ криел доказ за убиствата на Вања и Панче
Од ОЈО велат дека оваа истрага се води како посебен предмет и нема да влијае врз тековната судска постапка за двете киднапирања и убиства, која е во завршна фаза.

Основното јавно обвинителство Скопје покрена истрага против лицето Зоран Димитров член на политичката партија „Десна“ и вработен како техничко лице во Народната банка на Македонија. Тој е осомничен за помагање при киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
З.Д. беше уапсен вчера, откако неговиот идентитет беше откриен за време на судско рочиште од страна на еден од обвинетите. Денеска тој беше сослушан во полициска станица.
Според обвинителството, З.Д. постапувал по инструкции од првообвинетиот и од просториите на партијата „Десна“ зел син ранец во кој се наоѓал пиштолот со кој, според сомненијата, биле извршени убиствата. Тој го отстранил ранeцот од просториите на партијата со цел да им помогне на сторителите да ги прикријат трагите и да избегнат откривање.
Јавниот обвинител издал судски наредби за претрес на две локации, а се преземаат и други истражни дејствија за потврдување на наводите.
Оваа информација беше откриена за време на вчерашното рочиште од страна на обвинетиот Велибор Манев, кој изјави:
„Ова е последната коцка од сложувалката. Ранецот е кај член на ‘Десна’, вработен како техничко лице во Народна банка. Дознав кога Палевски ми се јави од турската граница и ми рече да му се јавам на Зоран, за да го отстрани од канцеларијата т.н. ‘пакет’ – да го фрли или уништи, за да не може да се најде. Потоа му потврдив на Палевски дека сум ја пренел пораката.“
И покрај сериозноста на обвиненијата, за З.Д. не е определен притвор. Наместо тоа, му е одземена патната исправа, му е забрането да извади нова, и има обврска повремено да се пријавува во суд.
Од ОЈО велат дека оваа истрага се води како посебен предмет и нема да влијае врз тековната судска постапка за двете киднапирања и убиства, која е во завршна фаза.


