ДАЛИ ЈА ТРОШИМЕ ВОДАТА БЕЗ РАЗМИСЛУВАЊЕ – Одговорот не е охрабрувачки
Светскиот ден на водите се одбележува во над 190 земји ширум светот

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), како рамноправен партнер на Светската метеоролошка организација во справувањето со глобалните климатски промени и опасните временски појави, со низа скромни активности ќе го одбележи 22 март Светскиот ден на водите.
Годинава одбележувањето е под мотото „Вода и род“, со слоган „Каде што тече водата, расте еднаквоста“.
Од УХМР информираат дека целта е да се истакне важната врска меѓу водата, жените и родовата еднаквост. Според нив, кризата со вода непропорционално ги погодува жените и девојчињата, што ја нагласува потребата од нивно поголемо вклучување во управувањето со водните ресурси.
„Неопходно е жените да имаат еднаква улога во лидерството и во процесите на донесување одлуки поврзани со водата“, потенцираат од УХМР.
Светската метеоролошка организација, која е наследник на Меѓународната метеоролошка организација основана во 1873 година, има клучна улога во поддршката на земјите во управувањето со климатските и водните ресурси.
Светскиот ден на водите традиционално се одбележува во повеќе од 190 земји ширум светот.
Иако Македонија располага со значајни водни ресурси, овој ден е потсетник за сите нас да се запрашаме – дали доволно се грижиме за нив?


