ЦИРКУС ВО МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ Пцовки, лингур, шарлатан, клошар и јавна пресметка меѓу Ангеловски, Пандев и Јовчев

Фудбалската јавност во Македонија вечерва е сведок на жесток и досега невиден судир и обвинувања меѓу поранешниот селектор Игор Ангеловски и Горан Пандев во врска со изборот на Гоце Седлоски за нов селектор, а пред малку во жестоката полемика се вклучи и Гого Јовчев новоименуваниот тренер на голманите во репрезентацијата.
Реакцијата на Јовчев доаѓа како одговор на критиките што Ангеловски ги упати кон раководството на ФФМ и кон Масар Омерагиќ. Во својата објава на Инстаграм, придружена со песната „Bella Ciao“, Јовчев отворено застана во одбрана на новото раководство, но тоа го направи со лични навреди и дисквалификации.
„Абе пекинезер, ти ли бе најде да коментираш за Масар Омерагиќ и Горан Пандев дека се во ФФМ за интерес? Абе лингур, господинот Масар Омерагиќ од свој џеб вложува во фудбалот… Не заборавај Горан Пандев ти ја спаси кариерата, те остави селектор клошариште едно клошарско… Затвори ја муцката љонгар еден“, напиша Јовчев на својот Инстаграм профил, во прилог на песната „Bella Ciao“.
Додека фудбалските работници меѓусебно се навредуваат со приземни епитети, јавноста со згрозување ја следи деградацијата на јавниот дискурс во македонскиот фудбал. На социјалните мрежи сè почесто се цитира суштинското прашање на Крсте Петков Мисирков од „За македонцките работи“ – „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“
Иронијата е очигледна: додека Мисирков повикувал на културно дејствување и духовно обединување во интерес на татковината, денешните фудбалски дејци ја разединуваат јавноста со лични пресметки и навреди.
Наместо заедништво и фокус пред клучниот бараж за Светското првенство, македонскиот фудбал повторно се наоѓа во вител на внатрешни конфликти, оставајќи го новиот селектор Седлоски во исклучително тешка позиција да гради тимски дух во атмосфера исполнета со токсичност и поделби.
Да потсетиме, додека во хотелот „Хилтон“ свечено се промовираше новиот селектор на македонската фудба- Мрме јавно и без задршка упати тешки обвинувања кон раководството на ФФМ, оценувајќи го процесот на избор на селектор како скандалозен и крајно несериозен.
Ангеловски, кој важеше за еден од кандидатите за повторно преземање на репрезентацијата, жестоко го критикуваше начинот на кој Федерацијата управува со, како што вели, едно од најважните национални прашања – пласманот на Светското првенство.
„Селекторот Гоце Седлоски – ни риба ни девојка! Несериозен пристап на раководството на ФФМ и Управниот одбор, најпрво со Благоја Милевски, а сега и со изборот на Седлоски за клучните квалификациски натпревари. Очигледно, најважно е да се задоволат личните интереси“, напиша Ангеловски на својот Фејсбук профил.
Особено остар беше поранешниот селектор кон своите колеги од комисијата која го предложи Седлоски. Тој откри дека незадоволството меѓу македонските тренери е големо, што, според него, јасно се чувствувало и на денешниот семинар за Про-лиценца.
„Ваков скандал, колеги ‘мои’ од комисијата… Ве молам, не ми се јавувајте! Соберете храброст и излезете јавно. Зошто дозволувате да бидете параван зад кој се кријат фудбалски стаорци?“, напиша Ангеловски, упатувајќи и директна прозивка до претседателот Муамед Сејдини Омерагиќ да се преиспита за состојбите во македонскиот фудбал.
Мрме потсети на историскиот успех остварен со неговиот стручен штаб и генерацијата фудбалери, нагласувајќи дека македонскиот фудбал не заслужува нетранспарентни одлуки и закулисни игри токму во моментите кога претстојат најважните натпревари во квалификацискиот циклус.
Покасно следеше реакција од Горан Пандев, кој денес е дел од новото раководство на ФФМ, преку објава на социјалните мрежи жестоко го нападна својот поранешен стратег, без да штеди зборови. Тој го нарече Ангеловски „замислен Наполеон“ и „шарлатан кој секогаш се става во прв план“, доведувајќи ја во прашање неговата стручност и професионален кредибилитет.
„Се јави големиот селектор, големиот ‘патриот’. Не дочека ни шест часа да почне да плука. Замислениот Наполеон. Експертот кој во последните години во ниеден клуб не се задржа повеќе од два-три месеци“, напиша Пандев.
Во продолжението на статусот, Пандев отиде и чекор понатаму, испраќајќи јасна порака дека времето на Ангеловски во македонскиот фудбал е завршено и дека промените во Федерацијата се неминовни.
„Шарлатан кој секогаш се става во прв план. Ајде со мене во пензија, доста ти беше. Помина времето на шуто и рогато во ФФМ“, заврши Пандев.
Овој јавен конфликт предизвика силни реакции и длабока поделба во фудбалската јавност. Додека Ангеловски обвинува за несериозност и лични интереси во ФФМ, Пандев возвраќа со тешки квалификации за професионален неуспех и егоцентричност.
Едно е сигурно – по овој фронтален судир на фудбалските легенди, „жешката столица“ на новиот селектор Гоце Седлоски стана уште пожешка, а атмосферата во македонскиот фудбал понапната од кога било.
Како и да е, циркузот“ во македонскиот фудбал не само што не стивнува, туку добива сè пониски и повулгарни форми.


