ЧЕКОР ПОБЛИСКУ ДО ИЗБОР НА НОВ СУДИЈА ВО ЕСЧП – Владата со зелено светло за тројца судии
Следен чекор: мислење од Меѓународниот советодавен панел при Советот на Европа

Владата на денешната 141. седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за досега реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права. Во Информацијата се наведува дека Комисијата предлага тројца кандидати за оваа позиција: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
По разгледувањето на Информацијата, Владата ја усвои, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати, соопштија од Владата.


