БУГАРИЈА ЦВРСТА ВО СТАВОВИТЕ Македонија чека поддршка од ЕУ
Дискусијата за извештајот во Европскиот парламент ќе започне наредната недела. Очекувањата се големи, но и неизвесноста останува, додека официјална Софија стои цврсто на веќе договореното, а Скопје бара сигнали за поддршка од Брисел.

Не отстапуваме, се си е напишано црно на бело“, порача бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, коментирајќи ја евроинтеграцијата на Македонија. Тој зборуваше на собраниска седница во бугарскиот парламент, на која пратеници од сите политички партии едногласно усвоија Декларација со која се осудуваат какви било обиди за преговарање, заобиколување или игнорирање на веќе постигнатите договори во рамките на Европската Унија.
„Бугарија ќе продолжи да го почитува договореното од 2022 година. Нема да отстапиме ниту еден сантиметар. Европските барања мора да бидат испочитувани за да се постигне напредок“, изјави Георгиев, нагласувајќи ја одржливоста на бугарската позиција.
Во меѓувреме, македонските власти со внимателен оптимизам го следат исходот од претстојното гласање во Европскиот парламент за Извештајот за напредокот на земјава. Во текстот, подготвен од известувачот Томас Вајц, експлицитно се наведува признавање на засебен македонски идентитет и јазик – деликатни теми што предизвикаа силни реакции од бугарската страна.
Дискусијата за извештајот во Европскиот парламент ќе започне наредната недела. Очекувањата се големи, но и неизвесноста останува, додека официјална Софија стои цврсто на веќе договореното, а Скопје бара сигнали за поддршка од Брисел.


