БРИТНИ СПИРС ЗАРАБОТИ МИЛИОНИ – Продадени правата за своите хитови на Примари Вејв
Договорот е склучен на 30 декември и според извори, вреди околу 200 милиони долари.

Бритни Спирс ги продаде правата за својот легендарен музички каталог, потврдија повеќе извори за „Ролингстоун“.
Компанијата Примари Вејв сега ќе го преземе сопственичкиот дел од Спирс за нејзините најголеми хитови, меѓу кои се „…Baby One More Time“, „Oops! … I Did It Again“, „(You Drive Me) Crazy“, „I’m a Slave 4 U“, „Lucky“ и „I’m Not a Girl, Not Yet a Woman“, како и многу други.
Договорот, за кој прв објави TMZ, бил потпишан на 30 декември. Сè уште не е јасно колку точно Спирс заработила, но според извори, сумата е слична на договорот на Џастин Бибер со Hipgnosis Songs Capital во 2023 година, вреден 200 милиони долари. „Ролингстоун“ контактираше со претставници на Спирс и Примари Вејв за дополнителни коментари.
Примари Вејв се специјализира за купување музички каталози на големи ѕвезди. Минатиот март, компанијата купи 50% од имотот на „The Notorious B.I.G.“, а претходно склучи договори со имотите на Витни Хјустон, Боб Марли, Принс и Рик Окасек од „Cars“. Во 2020 година, Стиви Никс ѝ ги продаде правата на истата компанија.
Овие договори за аквизиција можат да бидат многу профитабилни за уметниците, овозможувајќи им значителна еднократна исплата и ослободување од долгорочната одговорност за управување со целокупниот каталог.
Спирс, која во 2021 година беше ослободена од контроверзниот 13-годишен старателски однос, не издаде студиски албум од „Glory“ во 2016 година. Иако неодамна најави дека повеќе нема да настапува во САД, таа не се откажа од создавање нова музика. Во 2022 година, таа соработуваше со Елтон Џон на синглот „Hold Me Closer“, а во 2023 го издаде „Mind Your Business“ со will.i.am од „Black Eyed Peas“.


