БРИЖИТ БАРДО СЕ ОТКАЖА ОД СИНОТ Милионите ги остави на фондација
Легендарната актерка најголемиот дел од своето богатство го насочи кон борбата за правата на животните

Во 1960-тите години таа беше меѓу најплатените актерки во светот. За улогата во филмот „Вива Марија“ доби хонорар од 350.000 долари.
Нејзината автобиографија „Иницијали Б.Б.“, објавена во 1996 година, ѝ донесе дополнителни четири милиони долари. Во јавноста е добро позната и нејзината вила во Сен Тропе – Ла Мадраг, која со години беше симбол на нејзиниот начин на живот.
Брижит Бардо никогаш не правеше јасна граница меѓу приватниот живот и активизмот, особено кога станува збор за борбата за правата на животните. Дури и во времето кога беше активна во филмската индустрија, често истакнуваше дека сака нејзините приходи да служат за повисока цел.
„Ја дадов мојата младост и убавина на мажите, сега ја давам мојата мудрост и искуство на животните“, изјави актерката, која официјално се повлече од филмот во 1973 година.
Најголемиот дел од својот имот Бардо го остави на Фондацијата „Брижит Бардо“, организација што ја основа во 1986 година во Ла Мадраг, заедно со свој адвокат и близок пријател. Фондацијата ги наследи нејзината селска куќа, приходите од продажба на книги, вилата во Сен Тропе, како и други значајни финансиски средства.
Оваа одлука изненади многумина, бидејќи нејзиниот син и единствениот законски наследник не доби дел од наследството. Нивниот однос со години бил обременет со тензии. Уште за време на бременоста, Бардо јавно изнесувала контроверзни изјави, а поради страв дека мајчинството ќе ѝ ја загрози кариерата, синот го оставила да расте со неговиот татко. Со текот на годините, односите дополнително се влошиле, оставајќи длабоки последици врз нивната семејна врска.


