БРИТАНСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА – Би го киднапирал Путин
Изјавата следува по прашањето на новинари за специјалната операција на САД во Венецуела

Министерот за одбрана на Велика Британија, Џон Хили, за време на посетата на Киев изјави дека рускиот претседател Владимир Путин треба да биде изведен пред лицето на правдата за воени злосторства, објави „Киев Индепендент“.
Одговарајќи на новинарско прашање кој светски лидер би го „киднапирал“ доколку има можност, Хили рече дека тоа би бил Путин, со цел да одговара за злосторствата сторени за време на војната во Украина.
„Ќе го изведев пред лицето на правдата за воени злосторства и за она што го видов во Буча за време на една од моите први посети на Украина, како и за киднапирањето на украински деца, со кои се сретнав во Ирпин“, изјави британскиот министер.
Стоејќи пред зграда оштетена во руски напад во ноќта меѓу 9 и 10 јануари, Хили рече дека таквите сцени „јасно зборуваат за желбата на Путин не само да води војна против Украина, туку и систематски да напаѓа цивили, градови и критична инфраструктура од која зависат луѓето, особено во зимски услови“.
„Ова мора да престане. Оваа војна мора да заврши. Нашата мисија е да ја поддржиме Украина во нејзината борба и да помогнеме во обезбедувањето траен мир“, нагласи тој.
Прашањето за киднапирање било поставено во контекст на неодамнешната специјална операција на САД во Венецуела.


