БРАТ НА ГРАДОНАЧАЛНИК ВОЗЕЛ СО 88 КМ/Ч ВО ЗОНА ОД 50. Полициски службеник се обидел да го покрие, но МВР брзо расчисти!
Како што информираше Тошковски, службеникот не само што не го санкционирал сторителот за возење со прекумерна брзина, туку во службената евиденција внел и трето лице кое немало никаква поврзаност со настанот - постапка што претставува кривично дело.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска откри детали за сериозно прекршување на службените должности од страна на полициски службеник, кој, според истрагата, дозволил братот на градоначалникот на општина Гази Баба да избегне санкција за сообраќаен прекршок.
Како што информираше Тошковски, службеникот не само што не го санкционирал сторителот за возење со прекумерна брзина, туку во службената евиденција внел и трето лице кое немало никаква поврзаност со настанот – постапка што претставува кривично дело.
Министерот нагласи дека интерната истрага открила и дополнителни неправилности, надвор од оние што претходно ги објави опозициската СДСМ. Првиот прекршок се однесува на дозволувањето на сторителот да остане неказнет, а вториот, уште посериозен, на фабрикување на службени документи со лажно инволвирање друго лице.
Во меѓувреме, братот на градоначалникот, кој управувал со автомобил со брзина од 88 километри на час во зона каде што максималната дозволена брзина е 50 километри на час, денеска доброволно се пријавил во полициската станица „Пролет“. Против него е изречена парична казна од 300 евра, а ќе следи и мерка за забрана за управување моторно возило.
Тошковски подвлече дека Министерството за внатрешни работи брзо и ефикасно реагирало веднаш по објавувањето на случајот во медиумите. Тој упати порака дека секој полициски службеник е должен да постапува исклучиво по закон и дека нема да има толеранција за прикривање или амнестирање на каква било одговорност – било дисциплинска, било кривична.


