БОЛЕСТА НЕ ЗНАЧИ ПРЕКИН НА ОБРАЗОВАНИЕТО – 30 ученици продолжуваат со учење и покрај болеста

МОН изрази благодарност до наставниците кои ја реализираат наставата за овие ученици за нивната посветеност и пожртвуваност, како и до родителите и старателите за нивната поддршка и активна улога во спроведувањето на процесот.

БОЛЕСТА НЕ ЗНАЧИ ПРЕКИН НА ОБРАЗОВАНИЕТО – 30 ученици продолжуваат со учење и покрај болеста
Фото: Принтскрин

Министерството за образование и наука, во соработка со Министерството за здравство и здружението САНО – за поддршка на децата заболени од канцер, од почетокот на новата учебна година воведе формално образование во здравствените установи и во домашни услови. Согласно новите законски решенија, секое дете кое е на лекување подолго од три недели има право да ја следи наставата во своето одделение од далечина или преку индивидуален наставен процес.

„Ова е системска мерка која претходно не постоеше и која гарантира дека ниту еден ученик нема да биде лишен од образованието поради здравствена состојба. Болеста не треба да значи изолација, прекин на образовниот процес или заборавеност. Напротив, општеството има обврска да им даде поддршка и надеж. Со вложување во нивното знаење, вложуваме во поправедна, поемпатична и посилна иднина “- соопштија од МОН.

Министерката за образование, Весна Јаневска, уште пред почетокот на учебната година посочи дека досега овие деца биле жртви на сериозен пропуст и дискриминација, но дека со ова решение конечно се покажува дека проблемот е решлив.

МОН изрази благодарност до наставниците кои ја реализираат наставата за овие ученици за нивната посветеност и пожртвуваност, како и до родителите и старателите за нивната поддршка и активна улога во спроведувањето на процесот.

CATEGORIES
TAGS
Share This