БОЈАНА СКЕНДЕРОВСКИ СО ЕМОТИВНА ПЕСНА „ТУКА СМЕ“ Посветена на децата од Детскиот дом „11 Октомври“ по повод 80-годишниот јубилеј

Понекогаш една песна може да пренесе повеќе од илјада зборови. Токму таква е „Тука сме“, новата песна на Бојана Скендеровски, посветена на децата од ЈУ Детски дом „11 Октомври“ – Скопје, по повод 80 години од постоењето на установата.
Како амбасадорка на хуманоста, Бојана преку музиката сака да го пренесе гласот на децата, нивните соништа, надежи и желбата да бидат слушнати и прифатени.
Музиката, аранжманот, миксот и мастерингот се дело на Димитар Андоновски, текстот го напиша Тина Иванова, а во песната учествуваат и децата од Детскиот дом „11 Октомври“, НВО Дневен центар „Доза среќа“ и детскиот хор „Ѕвончиња“ од Битола.
„Оваа песна е многу повеќе од музички проект. Таа е порака дека овие деца имаат свои соништа, таленти и желби, дека треба да ги слушнеме и да им покажеме дека не се сами“, вели Бојана Скендеровски.
Видеоспотот за песната е во продукција на „Скендеровски продукција“.
Со „Тука сме“ јубилејот на Детскиот дом добива посебен музички спомен, но и силна порака за значењето на поддршката, вниманието и човечката блискост кон секое дете.

