БЕЗ НАУКА НЕМА ОПШТЕСТВЕН РАЗВОЈ За две години повеќе од двојно зголемен буџетот
На отворањето на Четвртиот интернационален медицински конгрес во Скопје, министерката истакна дека инвестициите во науката, меѓународната соработка и новата законска рамка се клучни за развојот на научноистражувачката дејност.

Во Скопје денеска започна четвртиот Интернационален медицински конгрес, во организација на Факултетското студентско собрание при Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. На отворањето се обрати министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, која ја истакна важноста на меѓународното вмрежување, мобилноста и размената на научни искуства и добри практики.
Јаневска нагласи дека меѓународната соработка е особено значајна за високото образование, науката и истражувањата, бидејќи овозможува поврзување со глобалната научна заедница и реализација на заеднички проекти.
„Како Влада имаме став дека без наука нема општествен развој, па оттука, кога пред две години го започнавме раководењето со институциите, одлучивме да преземеме крупни мерки кои ја раздвижија научно-истражувачката дејност во Македонија“, рече министерката.
Таа посочи дека за две години буџетот за наука е зголемен повеќе од двојно, а во 2025 година биле финансирани околу 50 научно-истражувачки проекти од јавен интерес, во вкупна вредност од шест милиони евра.
Како значаен чекор го посочи и обезбедувањето бесплатен пристап до глобалните научни бази Web of Science и Scopus за професорите, научниците и студентите.
Јаневска изрази задоволство и од зајакнатата соработка со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, кој ги отворил своите лаборатории за македонските научници и истражувачи. Со поддршка на Центарот, минатиот месец во земјава била организирана и првата летна научна школа за земјите од Западен Балкан.
Министерката информираше и дека е подготвена целосно нова законска рамка за науката и високото образование, составена од три закони, кои се во собраниска процедура. Таа изрази очекување пакетот да биде усвоен до крајот на годината, со цел да се создадат подобри услови и повеќе можности за професорите, научниците, истражувачите и младите академски кадри.
„Најдобрите студенти одликувани со инженерски прстен или друго признание за успех, добиваат предност при вработување на факултетите“, нагласи Јаневска.
Посакувајќи успешна работа на конгресот, таа им порача на професорите и студентите да продолжат да придонесуваат за унапредување на образованието и развојот на научната мисла во медицината, со што ќе дадат придонес и кон подобрувањето на здравствениот систем и здравјето на граѓаните.

