БАРАЛ 100.000 ЕВРА ЗА УКИНУВАЊЕ НА ПРИТВОР Фатен со пари во рака

Парите биле наменети за укинување мерка притвор за лице во бегство, против кое се води друга постапка

БАРАЛ 100.000 ЕВРА ЗА УКИНУВАЊЕ НА ПРИТВОР Фатен со пари во рака
Фото: Принтскрин

По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, полициски службеници го лишија од слобода Ф.С., осомничен за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“.

Според обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, осомничениот примил вкупно 50.000 евра со цел да посредува и да го искористи своето реално влијание за интервенција кај судија од Апелациониот суд Скопје. Средствата биле наменети за да се изврши поткуп и да се влијае врз донесување службено дејствие кое не смеело да се изврши.

Претходно, Ф.С. побарал износ од 100.000 евра за да издејствува укинување на мерката притвор определена за лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кое ОЈОГОКК води посебна постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На 6 октомври 2025 година, тој примил дел од побараниот износ – 30.000 евра, кои му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13 декември 2025 година, осомничениот директно побарал и примил дополнителни 20.000 евра, како дел од поткупот наменет за судијата.

Непосредно по примањето на паричните средства, Ф.С. бил лишен од слобода, а при претрес кај него биле пронајдени парите.

Инаку, Национал дознава дека поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, уапсен за примање поткуп, требало да издејствува укинување на притвор за Љупчо Пецов-Ѓаволот, осомничен и во бегство во предметот „Синџир“. Според Обвинителството, Стафа примил 50.000 евра за влијание врз судија во Апелациониот суд Скопје.

CATEGORIES
TAGS
Share This